Уставниот суд со нова веб-страница
Уставниот суд на Република Македонија доби нова веб-страница. На веб-страницата на Судот се наоѓаат информации за Судот и за работењето на Судот, за основните правни акти, за судиите и поранешните судии, како и информации за седниците, одлуките и решенијата.
Исто така, на веб-страницата на Судот се наоѓаат и информации за поднесувањето иницијатива до Судот и барање за заштита на слободите и права.
„Она што е значајно да се истакне е делот од ‘новостите’ каде што на динамична и континуирана основа се истакнуваат информации кои се однесуваат на тековните активности на Судот. Во овој дел сите заинтересирани субјекти, вклучувајќи ги и средствата за јавно информирање, можат да добијат ажурирани информации во врска со прашањата кои ќе се најдат на дневниот ред на следната седница на Судот. Со тоа јавноста однапред е запознаена со дневниот ред за седниците на Судот и може да има увид кои прашања ќе бидат разгледувани. Не помалку значаен елемент кој оди во прилог на отвореноста на Судот и неговата достапност до јавноста е постоењето база на податоци на веб-страницата на Судот која ја содржи целокупната судска практика на Судот“, истакнуваат од Уставниот суд.
Уставниот суд на Република Македонија, како самостоен орган на Републиката за заштита на уставноста и законитоста, започна со работа на 15 февруари 1964 година. Неговата положба и надлежност беа уредени со Уставот од 1963 година, а постапката и правното дејство на неговите одлуки беа уредени со Законот за Уставниот суд на Македонија од 1963 година.
Поднесоци до Уставниот суд на Република Македонија, информираат од Судот на својата веб-страница, може да се поднесат секој работен ден од 9:00 до 14:00 часот, на адреса „Кеј Димитар Влахов“ бр. 19, Скопје.
М.В