/ Прочитано:

4.237

УСТАВНИОТ СУД: Сопствениците на викенд-куќите во Маврово со противуставни обврски и цени на услуги за чистење на снег

По иницијатива на познатиот правник Стамен Филипов од Скопје, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше.

Уставниот суд го запре и извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука. Во иницијативата се образложува дека со оспорената одредба се создавале обврски само за ВИКЕНД-КУЌИТЕ, но не и за другите индивидуални или хотелски објекти.

„Со оваа одлука се утврдуваат цените на услуги за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период кога има снег и тоа во декември, јануари и февруари во континуитет.Износот на надоместокот е 600,00 денари линеарно за секоја викенд-куќа. За секоја дополнителна услуга за индивидуално чистење ќе се наплатува по 2.450,00 денари по барање на корисникот“, се вели во оспорената одлука.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со владеење на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорената одлука, исто така, не била во согласност со член 9 од Уставот, од причина што таа се однесувала само за секоја викенд-куќа, а не и за другите куќи во Општината Маврово и Ростуше, со што била сторена дискриминација меѓу граѓаните, односно меѓу сопствениците на викенд- куќите и другите сопственици на куќите од тоа подрачје.

Според наводите во иницијативата, одлуката била нејасна и противречна, од причина што во неа биле наведени две цени за иста намена и тоа 600,00 денари и 2.450,00 денари, без да се наведат критериумите и параметрите.

Според Судот, од содржинaтa на оспорената одлука неоспорно произлегува дека со неа се создаваат обврски само за ВИКЕНД-КУЌИТЕ, но не и за другите индивидуални или хотелски објекти, кои, исто така, се корисници на наведените локални патишта и улици. Со ваквиот начин на утврдување на цените, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните што не е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, според кој сите граѓани во Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите, бидејќи во случајов станува збор за еден вид комунална услуга – одржување на јавна чистота – чистење на снегот во зимски услови. Во интерес на урбаното живеење, сите корисници еднакво во рамките на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надоместокот, а не само ВИКЕНД-КУЌИТЕ, како што определува оспорената одлука.

Од наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука основано може да се доведе под сомнение во однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 24, 25 и 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности, како и со член 24 став 1, член 25 став 1, член 26 став 1, член 27 и член 29 алинеја 6 од Законот за јавна чистота.

M.В