/ Прочитано:

1.968

Уставниот суд укина одредба од Правилникот за полагање на испит за медијатори

По иницијатива на адвокатот и медијатор Гордана Каракалашева-Трајковска од Скопје, адвокатот и медијатор Весна Јовановска од Скопје и Комората на медијатори на Република Македонија, Уставниот суд го укина членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори.

Според членот 2 став 1 од Правилникот за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор, испитот се полага во февруарската, априлската, мајската, јунската и ноемвриската испитна сесија. Според ставот 2 на истиот член, пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој му претходи на месецот во кој се спроведува испитната сесија (јануари, март,април, мај и октомври).

Правилникот за полагање на испит за медијатори е донесен од министерот за правда, врз основа на членот 51 став 8 од Законот за медијација. Со членот 2 од Правилникот се определуваат испитните сесии во текот на годината кога се полага испитот за медијатори.

Правилникот за полагање на испит за медијатори е донесен од министерот за правда, врз основа на членот 51 ставот 8 од Законот за медијација. Меѓутоа, според членот 59 став 1 точка в) од Законот за медијација, Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, врз основа на начелото на самостојност и стручност, ги утврдува испитните сесии за полагање на испитот за медијатор.

„Оттука, произлегува дека законодавецот го овластил министерот за правда да ги пропише условите и начинот на полагање на испитот за медијатори, но за утврдувањето на испитните сесии за спроведување на испитот законодавецот го овластил Одборот.Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со наведениот член од Правилникот, министерот за правда ги надминал законските овластувања, со што е повредено владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“, констатираат од Уставниот суд.

М.В