/ Прочитано:

777

Уставниот суд укина одредба од Законот за комплементарна и алтернативна медицина

Уставниот суд го укина член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина.

Судот на седница утврди дека рокот за важење на лиценцата за работа и условите за издавање на прва лиценца за работа е определен во членот 96 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина, каде е утрврдено дека лиценцата за работа на КАМ практичарот се издава за период од седум години (став 1). Лиценцата за работа на КАМ практичарот од став 1 на овој член се издава по конечноста на одлуката за издавање, односно за обновување на лиценцата за работа на КАМ практичарот (став 2). Лицето кое сака да биде КАМ практичар треба да ги исполни условите утврдени со член 15 од овој закон, како и следните услови: 1) активно познавање на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и 2) да не е осудуван за кривично дело со казна затвор во траење подолго од шест месеци и 3) против лицето не е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност. (4) Кон барањето за издавање на лиценца за работа, лицето кое бара издавање на лиценца ги приложува следните докази: 1) доказ за исполнетост на условите од член 15 од овој закон и 2) уверение за активно познавање на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, издадено од надлежна институција.

„Од анализата на наведените уставни и законски одредби како и содржината на оспорениот член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина, Судот утврди дека во конкретниот случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело кое настапувало по сила на закон.

При оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба основен критериум е постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Со други зборови, тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата на тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина, според која осудуваноста на граѓанинот за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши дејност на КАМ практичар, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа. Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на законот, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело коишто се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот“, посочуваат од Судот.

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за комплементарна и алтернативна медицина

М.В