/ Прочитано:

3.961

Уставниот суд укина одредба од ЗОУП во врска со известувањето по пошта

 

Уставниот суд на РМ го укина членот 77 ставот 2 од Законот за општата управна постапка. Во ставот 1 од членот 77 од ЗОУП, кој се однесува на известувањето по пошта, се пропишува дека известувањето по пошта се врши по пат на обична или препорачана пошта. Секој документ што влијае врз роковите се испраќа преку препорачана пошта.

Во укинатиот став 2 од членот 77, за кој Уставниот суд поведе постапка, се пропишуваше дека „Писмениот документ што е испратен по пат на препорачана пошта се смета дека е доставен на датумот кога е заверена потврдата за прием.“

Подносителот на иницијативата, Стамен Филипов,  во поднесокот прво ги цитира оспорените одредби од Законот и истакнува дека се нови и за првпат се воведени со Законот за општата управна постапка од 2015 година, кој влегол во сила во јули 2016 година, но според него тие биле неодржливи од уставноправен аспект.

„Анализирајќи ги содржините на оспорените одредби произлегува дека доставувањето преку пошта се смета за уредно на датумот кога е заверена потврдата за прием, што според Судот е правно нејасна и неиздржана норма, односно не е јасно дали таа заверка се однесува на заверката од страна на поштата или пак на лицето кое треба да го потврди приемот на писменото кое го доставува јавниот орган. Точниот датум на прием на писменото известување од страна на странката на која се однесува известувањето има големо значење од причини што странката од тој датум може да презема процесни дејствија, да вложува жалба или пак да пристапи кон исполнување на обврската.  Според Судот, неспорна е потребата на законодавецот да обезбеди сигурен начин на доставување и намалување на можните изигрувања на уредното доставување кога тоа е по пошта, оттука Судот оцени дека оспорената одредба не е изведена докрај преку креирање на правно издржана норма, со која нема да остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските. Едноставно заради немање на сознание дека во поштата на конкретен датум за лицето е оставен акт врз основа на кој течат права и обврски, странката може да трпи последици кои би можеле да значат губење на права загарантирани со Уставот, поради што Судот оцени дека членот 77 ставот 2 од Законот не во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата“, се вели во Одлуката на Судот.

Уставниот суд поведе постапка за одредба од ЗОУП во врска со известувањето по пошта

М.В