/ Прочитано:

2.582

Уставниот суд укина одредби од правилник, спротивни на Уставот и семејноправната теорија

Уставниот суд ги укина делот: „втори братучеди“ од алинејата 3 и делот: „братучеди на вашиот брачен другар“ од алинејата 5 од делот: „III.2 Ангажман на блиски лица“ од 4. страница на Изјавата за интереси, содржани во Правилникот за формата и содржината на образецот на изјава за интереси („Службен весник на Република Македонија бр. 146/2009).

„Делот: ‘втори братучеди’ од алинејата 3 и делот: ‘братучеди на вашиот брачен другар’ од алинејата 5 од делот: III.2 Ангажман на блиски лица од 4. страница на Изјавата за интереси содржани во Правилникот не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 3 алинеја 5 од Законот за спречување на судир на интереси“, образложуваат од Уставниот суд.

Според членот 3 алинејата 5 од Законот за спречување судир на интереси, „блиски лица“ се лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес.

„Имајќи ја предвид законската одредба, подносителот на иницијативата смета дека во образецот на изјавата за интереси незаконски бил проширен кругот на субјекти, односно роднини за кои се барале податоци и кои биле наведени во образецот на изјавата. Имено, кај роднините по крв во странична линија биле наведени и вторите братучеди (според подносителот – шести степен на сродство), додека кај роднините по сватовство биле наведени и братучедите на брачниот другар (втор степен на сродство имале браќата и сестрите на брачниот другар, но не и братучедите на брачниот другар) со што се проширувал кругот на роднините предвидени во Законот. Ова од причина што во Република Македонија, степенот на сродство се пресметувал според бројот на раѓања на начин подробно опишан во иницијативата по однос на правата и страничната линија на сродство“, посочуваат од Судот, од каде што упатуваат и на правната теорија.

Правната теорија (Семејното право во СФРЈ, д-р Војислав С. Бакиќ, 1988 година; Коментар на Законот за наследување, д-р Кирил Чавдар, 1996 и 1998 година и Семејно право, Лилјана Спирковиќ Трпеновска, 1997 и 2008 година) во Република Македонија, додаваат од Уставниот суд, во зависност на основот на врската помеѓу сродниците разликува: крвно сродство во права линија, крвно сродство во странична линија и сродство по сватовство (при што степените на сродство се идентични како степените на сродство за брачниот другар). Притоа, бројот на раѓања помеѓу сродниците го определува и степенот на сродство, според познатата максима на римското право: „quot sunt generations, tot sunt gradus“ или колку раѓања, толку степени на сродство. Поделбата на сродниците според нивниот најблизок заеднички предок е позната уште како парентеларен систем кој е во примена во наследните и воопшто во семејноправните односи во Република Македонија.

Крвно сродство од прв степен постои само помеѓу родители и деца и обратно. Прв степен на сродство, но во странична линија, и тоа кај роднините по сватовство постои помеѓу: снаата и родителите на сопругот и зетот и родителите на сопругата (идентичен степен на сродство како на брачниот другар) и обратно.

Kругот на роднини незаконски проширен во правилник кој се однесува на спречувањето судир на интереси

М.В