/ Прочитано:

2.202

Уставниот суд укина одредби од правилник во врска со информациите за издавањето дозвола за работење на брокерска куќа

Уставниот суд на Република Македонија го укина членот 6 ставот 1 точките 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 13 од Правилникот за дополнителните информации кои треба да ги содржи барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа. Иницијативата до Уставниот суд беше поднесена од Адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ“ од Скопје.

Со членот 6 од Правилникот се уредува прашањето за основачите – физички лица и документацијата која треба да ја поднесат како основачи – акционери на овластеното правно лице.

Документацијата, меѓу другото, се однесува на доказите за неосудуваност и за неизречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност, потоа за изјави кои се однесуваат на управувањето со правното лице и редовното плаќање на јавните давачки.

Според Уставниот суд, со укинатите одредби, кои се однесуваат на потребната документација, се наметнувале правни обврски за давање на информации кои можеле службено да се проверат. Во таа насока, Уставниот суд посочува на Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност, додавајќи и дека укинатите одредби не се во согласност ниту со Кривичниот законик, ниту со Законот за хартии од вредност и секако во согласност со Уставот на РМ.

„Според ставот 5 од членот 106 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност“, истакнуваат од Уставниот суд.

„Во рамките на уредувањето на начинот на плаќањето на јавните давачки постојат законски механизми за неизвршувањето на тие обврски, па оттука генерално условувањето со уредно исплатени јавни давачки може да значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови“, додаваат од Уставниот суд во врска со укинатата обврска физичко лице да поднесе потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки.

М.В