/ Прочитано:

594

Уставниот суд укина одредби од Правилникот за начинот на оценување на воениот персонал

Уставниот суд ги укина членовите 9 и 10 од Правилникот за начинот на службено оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите, односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Република Македонија, начинот на водење на евиденција потребна за службено оценување и видовите на обрасците на оценувачкиот лист („Службен весник на Република Македонија“ бр. 170/2011), бр. 01-5880/2 од 18.11.2011 година, донесен од министерот за одбрана.

„Од содржината на Правилникот, а имајќи ги предвид посебните законски одредби што се однесуваат на оценувањето на воениот персонал, Судот утврди дека со Правилникот се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија заради нивно извршување и се доуредува начинот на службеното оценување на активниот воен и резервен персонал и за офицерите односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на Републиката.

Меѓутоа, во оспорените одредби од наведениот правилник, којшто сѐ уште е во важност, не е предвиден ист начин на оценување како што е предвидено во член 52 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020), односно според оспорените одредби од Правилникот оценката се врши бројчано и описно, а според важечките законски одредби оценувањето на воениот персонал се врши само описно“, посочуваат од Уставниот суд.

Судот утврди дека оспорените одредби од членовите 9 и 10 од Правилникот не може да егзистираат во правниот поредок имајќи ги предвид наведените измени во Законот за служба во Армијата на Република Македонија во кои е предвидено посебен начин на оценување на воениот и цивилниот персонал во Армијата, но за сите е предвиден описен начин на оценување, а не бројчано оценување како што е предвидено во оспорените одредби од Правилникот.

М.В