/ Прочитано:

2.596

Уставниот суд укина одредби од Законот за игрите на среќа и за забавните игри во врска со документацијата за лиценца за интернет игри на среќа

Уставниот суд на Република Македонија ги укина член 102 став 2 точка 4 и член 104 став 2 точка 5 во делот: „други докази и документи пропишани со овој закон“ од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Подносителот на иницијативата Игорчо Точев од Кочани оспори одредби од Законот за игрите на среќа и забавните игри кои се нормирани во VI глава насловена „Интернет игри на среќа“. Овој вид игри на среќа, образложуваат од Уставниот суд, за прв пат се воведува во законодавството на Република Македонија со основниот текст на Законот од 2011 година.

Во овој дел од Законот се пропишуваат општите услови за приредување на овие игри, видовите лиценци и сертификатот на хардверската и софтверската платформа која носителите на лиценца за приредување на интернет игри на среќа ја користат за регистрирање на сите финансиски трансакции и други видови податоци, се регулира лиценцата за производител на софтвер за приредување на интернет игри на среќа, лиценца за приредувач на интернет игри на среќа, обврската за доставување на финансиски информации, контролниот систем, односно задолжителното поднесување до Министерството за финансии, процедури и протоколи за начинот на работа на носителот на лиценцата, регистрацијата на учесниците во игрите на среќа, сметките на учесниците во игрите на среќа, интернет-страницата на приредувачот и други работи кои се однесуваат на интернет игрите на среќа.

„Меѓу другото, оспорените одредби од Законот содржеле во себе непрецизност од причини што во Законот не било дефинирано што се подразбира, односно кои се тие ‘други докази и документи пропишани со овој закон’ поради што се оставало простор за арбитрарност во примената на тие одредби, а и на одредбите на Законот во целина. Според Судот, наводите на подносителот на иницијативата се основани“, посочуваат од Уставниот суд.

Поради наведеното, додаваат од Уставниот суд, Судот оцени дека со ваквата формулација постојат уставни противречности и не се работи само за политика на законодавецот во делот на документацијата која субјектот треба да ја достави при поднесување на барањето за добивање на лиценца за приредување на интернет игри на среќа туку и нејаснотија и конфузност кои следуваат од нејасната одредба.

Законот за игрите на среќа и за забавните игри претставува закон со кој lex specialis се уредува материјата од областа на игрите на среќа и истовремено исклучиво со овој закон се уредуваат правата и обврските на субјектите кои сакаат да стекнат права во согласност со одредбите од овој закон.
Со оспорените одредби се врши повикување на неодредени докази и документи со кои барателот на лиценца за приредувач на интернет игри на среќа треба да ги исполни условите пропишани со овој закон. Оспорените одредби не оставаат дискреција во одлучувањето, но тие покрај посебните услови пропишани со членовите 102 и 104 ќе треба да исполнат и некој друг услов исклучиво пропишан со овој закон. Меѓутоа, тие посебни услови не се предвидени со никој друг член од овој закон.

Од овие причини, Судот оцени дека оспорените одредби се нејасни и непрецизни, а со тоа и неприменливи, со што се доведува во прашање една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, предвидено во член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот.
M.В