/ Прочитано:

4.113

Уставниот суд укина одредби од Законот за семејството во врска со тужбата за оспорување татковство и мајчинство

Уставниот суд на Република Македонија ги укина членот 67 став 2 и членот 70 став 2 од Законот за семејството, со кои се предвидуваше тужбата за оспорување на татковството или на мајчинство детето да може да ја поднесе најдоцна до навршување на 21 година од животот.

Според Судот, со укинатите законски одредби се нарушуваат наведените принципи од повеќе аспекти. Имено, семејно правниот однос како предмет на семејното право претставува специфична категорија во која доминација имаат лично правните елементи, кои се сведуваат на права и обврски меѓу членовите на семејството, најнапред од неимотен карактер (верност, помагање, почитување и др.) и права и обврски кои се од имотен карактер (право на издржување меѓу брачните другари, како и меѓу родителите и децата), при што утврдените рокови во Законот се бариера – меѓа за започнување или престанување на остварување на утврдените права, меѓутоа тие не треба да претставуваат пречка за остварување на одредени права.

Според Судот, со укинатите законски решенија се ограничуваше правото на граѓанинот на неговиот личен и семеен живот, правото да може да ја утврди биолошката врска со неговите вистински родители во кој било момент од неговото осознавање на клучните факти за ваквата правна ситуација.

Ова од причина што со ограничувањето на правото детето во кој било период од животот да може да поднесе тужба за оспорување на татковство/мајчинство, односно со определување на одредена старосна граница, според Судот се ограничува правото на детето од моментот на сознавање за вистинските биолошки родители да може да го оствари тоа право со поднесување на тужба, што е во спротивност со членот 25 од Уставот, членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и со членовите 3 и 7 од Конвенцијата за правата на детето.

Во член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права се предвидува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписките. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, односно правото да се знае сопственото потекло. Имено, вмешувањето во правото на приватност со ограничувањето на старосната граница за поднесување на тужба за оспорување на татковство/мајчинство, односно утврдувањето на рок, го ограничува правото на заинтересираните странки да покренат постапка за оспорување на татковство/мајчинство.

Укинатиот член 67 од Законот за семејството гласеше:

„Детето може да оспорува дека му е татко лице кое според овој закон се смета за негов татко.

Тужбата за оспорување на татковство детето може да ја поднесе најдоцна до навршување на 21 година од животот.

Во случаи кога брачниот другар на мајката, во рокот утврден во членот 64 став 2 од овој закон, не поднел тужба за оспорување на татковство, а изјавил во тој рок пред центарот за социјална работа дека не се смета за татко на детето и кога мајката дала согласност за посвојување на детето на начин и во постапка утврдена во членот 106 од овој закон, тужбата за оспорување на татковство во рок од три месеца по истекот на рокот од членот 64 став 2 на овој закон, ја поднесува старателот на детето со одобрение на центарот за социјална работа.“

Укинатиот член 70, пак, од Законот за семејството гласeше:

„Детето може да го оспорува мајчинството на жената која во матичната книга на родените е запишана како негова мајка.

Тужбата заради оспорување на мајчинство детето може да ја поднесе до навршување на 21 година од животот“

За Уставниот суд проблематично од уставен аспект е зошто да има лимит до 21 година за детето да може да го оспорува татковството, односно мајчинството со тужба, поради што и е поведена постапката.

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за семејството во врска со тужбата за оспорување татковство и мајчинство

М.В