/ Прочитано:

3.733

Уставниот суд укина одредби од Законот за трговските друштва во врска со забраната за основање трговско друштво

Уставниот суд го укина членот 29 ставот 2 точката 5 од Законот за трговските друштва. Според членот 29 ставот 2 точката 5 од Законот за трговските друштва, трговско друштво не можат да основаат содружниците, управителите и членовите на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои согласно со членот 552-б од овој закон е започната постапка за бришење додека трае таа постапка и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб-страницата на Централниот регистар, освен основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%.

„Забраната на основање на трговско друштво, според оценката на Судот, претставува мерка со која директно се ограничува претприемништвото бидејќи се оневозможува основање на нови трговски друштва. Со оваа мерка се попречува слободната економска иницијатива, се спречува развојот и основањето на нови бизниси, со што директно се ограничува деловната конкуренција. Ова ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото не може да се подведе под ниту едно од дозволените ограничувања утврдени во член 55 став 3 од Уставот, а тоа се одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Поради наведеното Судот смета дека оспорената одредба од членот 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва не е во согласност со член 55 од Уставот“, се вели во одлуката на Уставниот суд.

М.В