/ Прочитано:

2.590

Уставниот суд укина одредби од Законот за вонсудско спогодување кои упатуваа на закони кои не постојат и не важат

Уставниот суд на Република Македонија ги укина член 2 и член 28 од Законот за вонсудско спогодување.

Укинатите членови 2 и 28 од Законот за вонсудско спогодување упатуваат на непостојни и неважечки закони и како што се аргументираше во иницијативата до Уставниот суд, тие се во директна спротивност на член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

„Начелото на владеење на правото, предвидено во член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот, по својата суштина, предвидува дека во правниот поредок на Република Македонија треба да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Доколку тие во себе содржат упатување на примена на други одредби или примена на други прописи, потребно било тие да бидат дел од правниот поредок, односно нивниот назив да биде правилен, за да не дојде до забуна во операционализацијата“, вели  Игорчо Точев, подносител на иницијативата до Уставниот суд.

Како што образложува Уставниот суд, во членот 2 од Законот за вонсудско спогодување се пропишува дека при спроведување на постапката за вонсудско спогодување ќе се применуваат и одредбите од Законот за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции.

„Судот од увидот во регистрите на правни прописи, како и од увидот на веб-страницата на Собранието на Република Македонија, утврди дека во правниот поредок на Република Македонија не постои Закон за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции при спроведување на постапката за вонсудско спогодување. Оттаму, оспорениот дел од членот 2 од Законот за вонсудско порамнување упатува на примена на непостоен закон“, истакнуваат од Уставниот суд.

Понатаму, посочуваат од Уставниот суд, според член 28, точка 1 од истиот закон, извештајот за финансиската состојба и работењето на должникот содржи, меѓу другото, и финансиски извештаи во согласност со Законот за сметководство кои не се постари од три месеци од денот на поднесување на барањето за спроведување на постапката за вонсудско спогодување. Одредбата се оспорува во делот: „Законот за сметководство“.

„Членот 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување предвидува извештајот за финансиската состојба да содржи финансиски извештаи во согласност со Законот за сметководство, кој е пропис што престанал да важи сметано од 26.7.2002 година кога влегол во сила Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници (‘Службен весник на Република Македонија’ бр.61/2002).“

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за вонсудско спогодување кои упатуваат на непостојни и неважечки закони

М.В