/ Прочитано:

1.759

Уставниот суд укина тарифи за премии за осигурување донесени од Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност

Уставниот суд ги укина: Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност на штети предизвикани на трети лица во целина, донесена од Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на 6 мај 2006 година, и Тарифата за изменување и дополнување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност на штети предизвикани на трети лица донесена од Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на 14 јули 2017 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 144/2017).

Имајќи ја предвид содржината на Тарифата од 2006 година, и нејзините измени од 2017 година, според Судот, неспорно произлегува дека со неа се пропишуваат обврски за имателите на моторни и приклучни возила истите да ги осигурат од одговорност за штета или т.н. осигурување од автомобилска одговорност за штета предизвикана на трети лица, и истата е пропис, за кој пак важи одредбата од членот 52 ставот 1 од Уставот, според која законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

„Со оглед на фактот што Тарифата од 2006 не е објавена во службеното гласило на Републиката, со што би била запознаена јавноста со нејзината содржина и би биле создадени услови за нејзина примена, фактот што нејзините измени и дополнувања во 2017 година се објавени, според Судот не значи дека објавените измени на Тарифата направени во 2017 година можат да егзистираат самостојно без основната Тарифа, затоа што измените се составен дел на целината на Тарифата, од кои причини Судот оцени дека Тарифата и нејзините измени и дополнувања, кои претставуваат една целина, не се во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија“, образложуваат од Уставниот суд.

М.В