/ Прочитано:

1.012

УСТАВНИОТ СУД ВО 2015: Бројот на иницијативи поднесени лани e помал во споредба со 2014 година

Од вкупниот број предмети, Судот во 2015 година со одлука за укинување завршил 11 предмети. Меѓу нив се и членот 108 став 2, став 6 и членот 108-а став 9 од Изборниот законик во кои беше регулирано обележувањето со видливо мастило при гласање. Понатаму, членот 3 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи во врска со приложувањето на доказ дека не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должности на кандидат за вработување и други.

Уставен суд

Во текот на 2015 година Уставниот суд во работа имал вкупно 234 предмети. Од нив, 128 предмети биле новопримени, додека 106 биле пренесени како незавршени од претходните години.

Од вкупниот број предмети, 150 предмети биле решени во текот на 2015 година, а 84 останале незавршени. Ова се наведува во Прегледот на работата на Уставниот суд за 2015 година.

Споредено со 2014 година, Судот имал помалку работа бидејќи тогаш уставните судии примиле во работа 173 предмети, односно 45 предмети повеќе во споредба со 2015 година.

Граѓаните во текот на 2015 година биле најбројните иницијатори за оценување на уставноста на закони, прописи, подзаконски акти и слично. Судот примил 105 иницијативи од граѓани. Здруженија на граѓани поднеле 11 иницијативи, осум иницијативи дошле од претпријатија или други организациони единици и по две иницијативи дошле од политички партии и од органи на единиците на локалната самоуправа.

Според видот на оспорениот акт, најмногу биле оспорувани закони, 80 на број, по нив следуваат акти на локалната самоуправа, вкупно 16, биле оспорени и 13 поединечни акти (заштита на слободи и права) по три акти на претпријатија и на колективни договори и други акти во помал број.

Процентуално,  62,5 % од предметите кои биле оспорени биле закони. Овој процент е  поголем во споредба со 2014 година кога процентуалното учество на предметите во кои биле оспорени закони во однос на вкупниот број на предмети изнесувал 56,6 %.

Шеснаесет предмети според правната област на оспорениот акт се однесувале на организацијата и работата на органите на државната власт (Собрание на РМ, Претседател на РМ, Влада на РМ и државната управа), на правосудниот систем (судови, Судски совет, јавни обвинителства, Јавно правобранителство, адвокатура, нотаријат, извршители, медијатори), и на Народниот правобранител. Тринаесет предмети биле од областа на стопанството, десет предмети биле од областа на работните односи и од другите области во помал број.

Од вкупниот број предмети, Судот во 2015 година со одлука за укинување завршил 11 предмети. Меѓу нив се и членот 108 став 2, став 6 и членот 108-а став 9 од Изборниот законик во кои беше регулирано обележувањето со видливо мастило при гласање. Понатаму, членот 3 став 2 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи во врска со приложувањето на доказ дека не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должности на кандидат за вработување и други.

Уставен суд

Судот не повел постапка за иницијативи за оценување на уставноста на повеќе членови од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, од Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија и други закони.

Или во бројки, Судот донел одлука за укинување во 11 предмети, за 73 предмети донел решение за неповедување постапка, во 59 предмети донел решение за отфрлање на иницијативата, одбил две иницијативи, четири предмети завршил административно и еден предмет завршил на друг начин.

Барања за заштита на слободите и правата

Во текот на 2015 година, Судот примил 13 барања за заштита на слободи и права врз основа на членот 110 алинеја 3 од Уставот на РМ, што е идентично со бројот на примени барања во 2014 година.

Од нив, 14 предмети биле решени, од кои 9 биле предмети примени во 2015, додека 4 од 2014 и едно барање од 2013 година.

Од вкупниот број решени барања за заштита на слободи и права во текот на 2015 година најголем број, односно 6, се однесувале за заштита од дискриминација, во 3 барања граѓаните се повикувале на заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, во еден предмет се барало заштита на авторско право, во два предмети се барало право на правично судење и еден предмет се однесувал на правото на заштита на сопственоста.

Судот го одбил барањето за заштита на слободата на уметничкото изразување поднесено од Славе Димитров и барањето за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, кој се однесува на слободата на јавно изразување на мислата, на новинарот Владо Апостолов и на уредничката на „Фокус“ Јадранка Костова чии права биле повредени со пресудите на Основниот суд Скопје 2 и на Апелациониот суд во врска со тужбата од поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков.

Останатите 12 барања биле отфрлени поради ненадлежност или поради постоење процесни пречки за одлучување.

М. С.