/ Прочитано:

1.562

Уставните и деловничките одредби за одземање на мандатот на пратеник

Во Уставот на РМ се пропишува дека на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.

Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во врска, пак, со престанокот и одземањето на мандатот на пратениците, во Деловникот на Собранието на РМ се пропишува дека на пратеникот му престанува мандатот или може да му биде одземен мандатот само во случаите и на начин утврдени со Уставот, закон и овој деловник.

За пратеникот осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната.

Претседателот ова известување веднаш го доставува до пратениците. На пратеникот кој е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години му престанува мандатот. Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот на денот кога е осуден и за тоа ја известува Државната изборна комисија.

За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

За пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Предлог за одземање на мандатот на пратеник поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието.

По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот Собранието води претрес на првата наредна седница.

Претресот, се пропишува во Деловникот, може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска предложи да му биде одземен мандатот на пратеникот Никола Груевски поради недостојност за вршење на функцијата пратеник. Поранешниот премиер е осуден на две години затвор во случајот „Тенк“.

М.В