/ Прочитано:

595

Уставните одредби за избор на нова Влада

Собранието ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев. Во членот 93 од Уставот се пропишува дека оставката на претседателот на Владата повлекува оставка на Владата. Со тоа започнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада. Во членот 90 од Уставот се пропишува дека Претседателот на Република Северна Македонија е должен во рок од 10 дена да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Исто така, во Законот за Владата се пропишува дека Владата ја избира и разрешува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски очекува доверувањето на мандатот да се случи следната недела. Тој изјави дека му е потребен  допис од партијата која има мнозинство, за да може да го даде мандатот.

М.В