Усвоен е Предлог-законот за заштита на националните малцинства во Албанија
„Во согласност со одредбите од Уставот на Република Албанија, Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства, ратификувана во 1999 година и меѓународните договори од областа на човековите права, овој закон го регулира остварувањето на правата на припадниците на националните малцинства во Република Албанија. Припадниците на малцинствата треба ди ги почитуваат правната држава, територијалната целовитост и суверенитетот на Република Албанија“, се наведува во текстот на Предлог-законот за заштита на националните малцинства во Албанија.
Владата на Република Албанија на вчерашната седница го усвои Предлог-законот за заштита на националните малцинства во Албанија, по што наскоро ќе треба да биде ставен на дневен ред во албанското Собрание.
Во член 3 од овој Предлог-закон пишува дека за национални малцинства во Албанија се сметаат: Грците, Македонците, Власите, Ромите, Египќаните, Црногорците, Бошњаците и Србите.
„Во согласност со одредбите од Уставот на Република Албанија, Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства, ратификувана во 1999 година и меѓународните договори од областа на човековите права, овој закон го регулира остварувањето на правата на припадниците на националните малцинства во Република Албанија. Припадниците на малцинствата треба ди ги почитуваат правната држава, територијалната целовитост и суверенитетот на Република Албанија“, се наведува во текстот на Предлог-законот за заштита на националните малцинства во Албанија.
Со законот се гарантира претставување и негување на културните, етничките, јазичните и верските карактеристики и традиции на националните малцинства во Албанија, како и право на идентификација и образование.
Во истиот член, односно членот 3 од Предлог-законот, се наведува и дека формалното признавање на националните малцинства во Албанија се прави со закон и тоа по иницијатива на Владата и по предлог на министерот за внатрешни работи, а врз основа на барања на претставници на малцинствата.
Албанија за првпат носи ваков закон, а неговото донесување е условено и од страна на Европската Унија, за да може земјата да ги почне преговорите за членство.
Инаку, месеци наназад етничките Македонци во Албанија активно учествуваа во подготовката на текстот на Предлог-законот за заштита на националните малцинства во Албанија. Од страна на Народниот правобранител на Република Албанија беше организирана и јавна расправа, а во дебатата учествуваа претставници од сите малцинства во земјата, со цел да се даде придонес за донесување на закон со кој ќе се утврди државна рамка за унапредување на положбата и правата на националните малцинства во Република Албанија.
На јавната расправа беше дискутирано за тоа колку досега општините се грижеле за малцинствата и тоа од аспект на почитување на културата, традицијата, заштитата на мајчиниот јазик и образованието. Со цел да се направи квалитетен и издржан текст за Предлог-законот, кој ќе ги задоволи очекувањата на малцинствата, беше побарано од сите општини да достават свои сугестии. Дел од нивните барања беа со законот за заштита на националните малцинства во Албанија да се признае статусот на малцинство на целата територија на земјата, право на образование на мајчин јазик, застапеност во државните институции, поддршка за проекти на граѓанските организации на националните малцинства, програми на државната телевизија на мајчин јазик.
Истовремено, и Министерството за надворешни работи на Албанија упати јавен повик до сите заинтересирани страни своите забелешки, мислења и предлози да ги достават до крајот на 2016 година.
Со усвојувањето на предлог-законот, Македонците ќе добијат можност да го изучуваат македонскиот јазик не само во селата на општина Пустец, туку и во областите Голо Брдо и Гора каде што концентрацијата на Македонците е најголема, но и насекаде каде што има Македонци во поголем број.
А. Б.