/ Прочитано:

794

Усвоен најновиот Квартален извештај на Народната банка со макроекономските проекции за периодот 2019 – 2022 година

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај, ноември 2019 година.

Во извештајот се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка, коишто претпоставуваат стабилен домашен амбиент, натамошен прилив на странски инвестиции, продолжување на јавниот инфраструктурен циклус, како и раст на странската побарувачка, иако поумерен во однос на априлските проекции. Во рамки на овие проекции се задржани оцените за раст на домашната економија, кој оваа година би изнесувал 3,5%, а понатаму постепено би забрзал на 3,8% во 2020 година и 4% во 2021 и 2022 година, при поизразени надолни ризици. Ваквата динамика на раст беше очекувана и во априлскиот циклус проекции, а поголеми промени не се направени ниту кај очекуваните извори на растот. Позитивен импулс врз растот и натаму се очекува од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната потрошувачка и закрепнување на инвестициската активност, додека придонесот на нето-извозот се оценува како негативен.

Во поглед на идната патека на движење на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на задржување на амбиентот на стабилни цени и отсуство на позначителни инфлациски притисоци. Пониските остварувања и очекувања за послаби притисоци од увозните цени доведоа до надолна ревизија на проекцијата на инфлацијата на 1% за оваа и на 1,5% за следната година, наспроти претходно очекуваните 1,5% и 2%, соодветно, според априлската проекција. И според најновите согледувања, како и во претходниот циклус проекции се очекува динамиката на раст на домашните цени во 2021 година да изнесува околу 2%.

Во однос на надворешниот сектор, најновите оцени за позицијата на билансот на плаќања упатуваат на поволна надворешна позиција, при отсуство на позначајни нерамнотежи во економијата. Во периодот 2019 – 2022 година се очекува умерен дефицит на тековните трансакции, кој изнесува во просек 1,5% од БДП, слично како и во априлската проекција, и да биде финансиран и преку недолжнички и преку должнички текови. Показателите за адекватност на девизните резерви покажуваат дека тие се наоѓаат во сигурната зона во текот на целиот период на проекции.

Kредитната активност на банкарскиот сектор и натаму се оценува како важен фактор на поддршка на економскиот раст. Имајќи ја предвид зголемената кредитна поддршка во првите три квартали, како и очекувањата таа да продолжи до крајот на годината, се очекува кредитниот раст за целата 2019 година да изнесува 5,4%, односно околу 7% доколку се изолираат регулаторните промени. Како и во априлската проекција, за наредната 2020 година се очекува годишен раст на кредитната активност од околу 8%, а ваквата динамика на раст во просек ќе се задржи и во периодот 2021 – 2022 година. За оваа година се очекува вкупните депозити во финансискиот систем да остварат раст од 9,6%, додека во периодот 2020 – 2022 година просечниот раст би изнесувал 8,5%, исто како во априлската проекција.

Ризиците околу макроекономското сценарио се оценети како претежно надолни. Ваквите оцени се однесуваат пред сѐ на надворешните ризици, во услови на понеповолен глобален амбиент и зголемена глобална неизвесност, предизвикана од растечките трговски тензии, неизвесниот процес на Брегзит, геополитичките ризици, променливоста на условите на финансиските пазари. Во однос на домашниот амбиент, присутна е поизразена неизвесност споредено со април, но сепак се оценува дека евентуалните ефекти би биле од привремен карактер.

Како што беше нагласено на седницата на Советот, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и промените во домашниот и надворешниот амбиент, во контекст на спроведувањето на монетарната политика.

М.В