/ Прочитано:

256

Усвоен најновиот Квартален извештај на Народната банка со најновите макроекономски проекции

 

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка.

 Втора година по ред, макроекономските проекции се спроведуваат и објавуваат во време на пандемија и сѐ уште присутна глобална неизвесност. Априлските проекции не се значително променети во споредба со октомвриските согледувања. Во текот на овој период се очекува закрепнување на економијата, при што и натаму целосно враќање и надминување на преткризното ниво се очекува во 2022 година. И ова сценарио не упатува на поголеми инфлациски притисоци, а надворешната позиција и понатаму останува поволна. Во однос на изворите на ризици, тие и понатаму се оценуваат како изразено надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата на ковид-19.

 Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9% што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9% (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во  2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4%. Притоа, од аспект на структурата на растот, не се направени позначајни промени, така што и во овој циклус на проекции се очекува растот на БДП, оваа и следната година да произлезе од домашната побарувачка, додека нето-извозот да има негативен придонес. Кај стапката на инфлација е направена умерена нагорна ревизија за 2021 година во однос на октомвриските проекции, при што тековно се оценува дека таа ќе изнесува 2,2% (1,5% во претходната проекција), при нагорни корекции кај надворешните влезни претпоставки во делот на цените на нафтата и храната. За 2022 и 2023 година и натаму се очекува дека стапката на инфлација ќе се движи околу 2%. Очекувањата за идните движења во надворешниот сектор укажуваат на стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9% од БДП во 2021 година, што во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките,  при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината. Намалувањето се очекува да продолжи и во наредните две години, со што во наредниот двегодишен период (2022-2023 година) дефицитот во тековната сметка ќе изнесува во просек околу 2,1% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на соодветно ниво.

Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Имено, во текот на 2020 година кредитната поддршка беше солидна, а тековните проекции упатуваат на нејзино постепено забрзување во следниот период. За 2021 година кредитниот раст би изнесувал 5,8%, а со постепеното нормализирање на состојбите и стабилизирање на очекувањата, се очекува постепено забрзување на растот на кредитната активност кој за периодот 2022-2023 година во просек би изнесувал 7%.  Во однос на изворите на финансирање, имајќи го предвид солидниот раст на вкупните депозити во текот на 2020 година и во првиот квартал од 2021 година, се очекува дека растот за целата 2021 ќе изнесува 7,5%. Во услови на помала неизвесност и посилно економско закрепнување се очекува и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции, поради што и растот на депозитите ќе се стабилизира во 2022 година, по што умерено ќе забрза на 8% во 2023 година.

 Ризиците за остварување на основното макроекономско сценарио и понатаму се оценуваат како надолни и се главно поврзани со пандемијата на ковид-19. Главниот надолен ризик се поврзува со евентуалното побавно спроведување на имунизацијата, што е тесно поврзано со набавката и дистрибуцијата на вакцините, како и со повторно разгорување на пандемијата со појавата на нови мутации на вирусот и нивна поголема отпорност на веќе постоечките вакцини, што би можело да доведе до повторно воведување на построги рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вирусот. Евентуалната материјализација на овие ризици може да доведе до повторно нарушување на синџирите на производство и побарувачката и до значително забавување на очекуваната динамика на економско закрепнување, а со тоа и до потешкотии во опстојувањето на фирмите и побавно опоравување на пазарот на труд. Од друга страна, побрзата динамика на вакцинација од очекуваната и напредокот во медицинскиот третман на коронавирусот и во развојот на вакцини отпорни на новите мутации, се потенцијални позитивни ризици. Доколку заканата од коронавирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната, а со тоа и домашната економска активност. Исто така, членството на нашата држава во НАТО алијансата и отпочнувањето на преговори за полноправно членство во ЕУ и натаму претставуваат позитивен ризик за проекцијата, на среден рок.

Како што беше нагласено на седницата на Советот, Народната банка, и натаму, постојано го следи развојот на настаните, вклучително и потенцијалните ризици од окружувањето, и доколку има потреба, подготвена е соодветно да ги приспособува политиките и навремено да преземе дополнителни мерки, согласно со своите надлежности.

М.В