Усвоен Предлог-законот за ратификација на Истанбулската конвенција во која насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права
Владата на Република Македонија го усвои Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулската конвенција, со што се создавааат услови за еден поширок и посеопфатен пристап во борбата против насилството.
Во месец август оваа година, Владата ја усвои информацијата за ратификација на најзначајниот меѓународен документ за борбата со насилството врз жените и домашното насилство.
Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените. Досега, посочуваат од Советот на Европа, 23 земји ја ратификувале Конвенцијата, вклучувајќи и 14 земји членки на Европската Унија, и тоа: Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска. Република Македонија ја потпиша Конвенцијата, но не ја ратификуваше.
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство години наназад бараше итна ратификација на Истанбулската конвенција. Република Македонија, посочуваат од Националната мрежа, треба да посвети должно внимание на родово базираното насилство и да го криминализира насилството врз жената и системски да ги адресира сите посебни форми на насилство кои ја таргетираат жената поради нејзината биолошка и социолошка природа. Затоа е потребна итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција), која ги третира овие специјално насочени видови насилство кон жените и девојките низ повеќе одредби.
Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените.
Ратификацијата на Конвенцијата подразбира низа обврски за владите што ја имаат ратификувано, да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.
Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додека пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство, кои се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.
M.В