/Прочитано:

854

Усвоена Декларација за слободни и фер избори со препораки за државните службеници

Владата на Република Македонија ја усвои Декларацијата за слободни и фер избори, како темелна вредност која произлегува од членот 22 од Уставот на Република Македонија, според кој секој полнолетен граѓанин има избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно, а кое се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Во согласност со оваа Декларација, Владата им препорачува на сите носители на јавни и државни функции, како и на вработените во органите на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори, за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин и да обезбедат почитување на принципот на тајното гласање, за да може гласачите слободно да гласаат, без страв или заплашување.

Владата им препорачува на сите носители на јавни и државни функции, како и на вработените во органите на државната управа дека треба да обезбедат изборниот процес да се одвива непречено, за да се избегне измама или друга незаконитост и да ги одржат неговата безбедност и интегритет.

Владата на Република Македонија, изразувајќи цврста заложба за почитување на неприкосновеното избирачко право и непреченото спроведување на изборниот процес, ја усвои и изјавата за изразување силна политичка волја и поддршка на Владата и на нејзините институции за континуирана примена на Етичкиот кодекс за медиумско известување, како и за силно охрабрување на примената и почитувањето на системот за медиумска саморегулација.

Правото на медиумите и на новинарите слободно и непречено да известуваат и да истражуваат, Владата денеска го поддржа со уште една мерка со која на медиумските работници им се овозможува право на бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и на Агенцијата за катастар на недвижности. Со оваа своја мерка, Владата на Република Македонија им излезе во пресрет на барањата на новинарите и на новинарските здруженија и обезбеди слободен пристап до извори на информации од посебно значење за истражувачкото новинарство.

M.В

 

Погледнете и ..