/ Прочитано:

1.205

Усвоена Резолуцијата за правата на Албанците во јужна Србија

Четврток, 6 јуни 2013 – Косовското Собрание денеска ја усвои резолуцијата која се однесува на основните права на Албанците во Прешево, Бујановац и Медвеѓе. Резолуцијата за правата на Албанците во јужна Србија беше ставена на гласање откако минатата недела парламентарните групи меѓусебно не беа координирани за содржината. 

Во Резолуцијата се бара зголемување на државната грижа на Косово за Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓе. Меѓу другото, со Резолуцијата се предвидува воведување на реципроцитет меѓу правата кои ги уживаат Србите во северниот дел на Косово и на Албанците во долината. 

Меѓу главните барања во резолуцијата беа и ослободување на политичките затвореници кои се држат во затворите во Србија, како и тоа Советот на Европа да го испита почитување на правата на Албанците во Долината. Резолуцијата бара Косово да се грижи за раселените од Прешевската долина, да се обезбеди едукација и благосостојба за нив, како и да се отворат канцеларии во Приштина и во Гњилане кои ќе работат за оваа цел. Истовремено, побарано е од Владата да ја укине таксата за граѓаните од Долината која изнесува 20 евра, а што треба да се плати за преминување на границата од Србија кон Косово. Резолуцијата се усвои со 74 гласа „за“ и 4 „против“. 

За разлика од претходната седница, ДПК и косовскиот премиер Хашим Тачи овој пат се повлекоа од предложениот член 1, со кој се бараше со Резолуција да се побара измена на Уставот и со член да се обврзе Косово да мора да се интересира и да се грижи за Албанците кои се надвор од нејзините граници.

Медиумите пишуваат дека Резолуцијата предвидува развој на правата на Албанците, подобрување на нивниот живот и обезбедување слобода на движење во Косово, како и да бидат откриени претставништва за врски во Приштина и Гнилане.