/ Прочитано:

808

Усвоена Стратегија за водење финансиски истраги и за конфискација на имот

„Владата  ја разгледа и усвои Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со Акциски план, која истовремено е и дел од мерките од Планот за борба против корупција.

Основна заложба е наведената стратегија да придонесе за зајакнување на капацитетите на националните институции како и на нивната координација во следењето на протокот на пари, како и откривање на можно прикривање и пренесување на нелегално стекнат имот. Како дел од активностите утврдени во „Планот за борба против корупција“ се очекува нејзината имплементација да придонесе кривичните истраги да резултираат со конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во рамките на точката Информација за степенот на реализација на мерките од Планот за борба против корупција, информираше дека до крајот на август сите измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација на процесите ќе бидат подготвени и доставени до Собранието.

Формираната работна група составена од сите надлежни институции, веќе работи на подготовка на измените и дополнувањата на потребите закони за дигиталната трансформација.

Дополнително, на седницата беше донесена одлука за формирање на уште една работна група којашто ќе работи на дефинирање и усогласување во делот на опремата што треба да ја набават институциите за дигитализација на процесите.

На седницата беа презентирани и предлози за институциите кадешто е неопходно физичко присуство на службено лице во работата со граѓаните, да се регулираат преку видео надзор и боди камери, како механизам за превенција од коруптивни дејствија“, соопштуваат од Владата.

М.В