/ Прочитано:

1.686

Усвоени измените на повеќе закони од правосудството, чија цел е контрола на полицијата и гонењето кривични дела сторени во службата

Владата на Република Македонија усвои повеќе предлог-закони за измени и дополнувања на повеќе законски решенија кои се однесуваат на дел од легислативата во правосудството, внатрешните работи и полицијата, како и на регулативата за работата на безбедносните служби, како дел од итните реформи опфатени со Планот 3-6-9.

Владата го разгледа и го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Како што вчера објави Академик, донесувањето на овој закон има за цел да овозможи воведување на ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување на надворешен механизам. Со измените во Законот ќе се овозможи Специјализираното судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија во Основниот суд Скопје 1 во Скопје да постапува по кривични предмети за кои новоформираното Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, во рамки на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, има надлежност да спроведува кривична истрага и гонење за кривични дела кои се однесуваат на членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човекови права.

Министерство за правда го предложи, а Владата го разгледа и го усвои Предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на санкциитe. Со предложените дополнувања на Законот се овозможува највисока можна објективност на истрагите за пречекорувањата на затворската полиција заради обезбедување на непристрасна оценка во заштита на човековиот дигнитет.

Владата го разгледа и го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство. Со предложените измени и дополнувања на Законот за јавното обвинителство се врши формирање на посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, се предвидува неговата надлежност, формирањето на истражен центар, како и други прашања поврзани со ова посебно одделение.

Владата на РМ го разгледа и го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба. Со предложените измени, кои произлегуваат од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство и со кои се предлага во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се формира посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, се предвидува во ова одделение, покрај јавните обвинители, да бидат вработени и јавнообвинителски службеници кои ќе бидат на ниво В1 и со позиција на јавнообвинителски советник-истражител.

Владата го утврди и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка. Целта на предложениот закон е надминување на постојните недостатоци во областа на посебните истражни мерки, кои беа лоцирани во извештаите на меѓународните организации, а посебно беа обработени во двата извештаи на експертската група на Прибе.

Исто така, Владата го утврди и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, со кој се предвидува дополнување на веќе предвидените механизми за надворешна контрола врз работата на Министерството (од страна на Собранието и Народниот правобранител – како досега воспоставени механизми), со дополнителен механизам во вид на посебно известување до Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во точно определени случаи.

Во рамките на овој пакет предлози за измени и дополнувања, Владата го разгледа и го утврди Предлогот на закон за изменување на Законот за полиција, со кој се предвидува ревидирање на одредбата на членот 81, со која се уредени конкретни аспекти во рамки на употребата на средствата за присилба од страна на полициските службеници.

Со усвојување на предложениот закон ќе се овозможи содржинско и нормативно-правно усогласување на одредбите од Законот за полиција со решенијата предвидени во Законот за внатрешни работи, односно со пакетот прописи чија цел е воспоставување надворешен механизам за контрола на полицијата.

М.В