/ Прочитано:

1.695

Усвоени заклучоците од јавната расправа во Собранието за енормното загадување

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија како матично работно тело одржа јавна расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“. Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија ја образложи пратеникот Влатко Ѓорчев, кој е претставник на предлагачите.

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија на јавната расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“ едногласно ги усвои следните заклучоци:

„Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно член 42 од Законот за животна средина, во рок од еден месец да собере информации од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, каде има изработен Катастар на загадувачи и истите информации да ги достави до Собранието на Република Македонија. Оние општини кои што немаат изработен катастар на загадувачи тоа да го направат во најкраток рок;

Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од еден месец да детектира извори на загадување на воздухот и да достави извештај до Собранието на Република Македонија;

Да се сервисираат и стават во функција сите мерни станици на државниот мониторинг систем најкасно до крајот на септември 2019 година;

Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, да направи анализа за потребите од повеќе еколошки мерни станици и да обезбеди средства за повеќе мобилни мерни инструменти;

Да се обезбедат средства за набавка на автобуси со ниски емисии за Скопје и поголемите градови кои што имаат градски превоз;

Да се обезбедат субвенции за набавка на електрични и хибридни возила;

Се препорачува Министерството за економија, согласно усвоената програма да обезбеди дополнителни средства за набавка на печки на пелети со субвенционирање;

Се препорачува Министерството за внатрешни работи, при надминување на прагот на алармирање за висока загаденост, да го спроведува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата;

Се препорачува Министерството за труд и социјална политика, во рамки на Програмата за енергетска сиромаштија да се предвидат поголем број на средства;

Да се забрза процесот на гасификација на територија на Република Македонија и подготовка за изградба на секундарна гасификациона инфраструктурна мрежа;

Доколку временските услови дозволуваат општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, најмалку по два пати во текот на денот да ги мијат булеварите и улиците;

При надминување на прагот на алармирање за висока загаденост да се овозможи бесплатен градски превоз за сите граѓани;

Се препорачува Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за животна средина и просторно планирање, во рок од два месеци, до Собранието на Република Македонија да ги достават Предлог на законот за инспекција во животната средина и Предлог законот за инспекциски надзор;

Градот Скопје и сите останати општини, да ги зголемат зелените површини во градските подрачја, при изработка на деталните урбанистички планови, да се води сметка за зелените површини и да се спречи нивната пренамена во градежни парцели;

Се препорачува Министерството за здравство, да достави информација за бројката на луѓе кои имаат здравствени проблеми, како последица од загадувањето и предлог мерки за нивна заштита во рок од два месеци;

Се препорачува Министерството за внатрешни работи, при надминување на прагот на алармирање за високата загаденост, да изготви алтернативно сообраќајно решение за град Скопје и општините во градот Скопје;

Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата кои ќе користат обновливи извори на енергија;

Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање за поставување на плински уреди во автомобилите;

Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, да изработи студија со која ќе се формираат критериуми со кои ќе се детектира енергетската сиромаштија, да направи регистар на енергетски сиромашни семејства и истиот да го достави до Собранието на Република Македонија;

Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, до Собранието на Република Македонија да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот;

Да се зголеми бројот на инспектори за животна средина и да се зголемат нивните ингеренции;

Да се воведат субвенции за приклучување на греење кон гасификација како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните;

Да се воведат субвенции за домаќинствата кои ќе купат инвертор клими;

Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, при надминување на прагот на алармирање, веднаш да подготви и достави препораки до Инсталациите кои што поседуваат А-ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство до 50% со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија;

Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, два пати во годината да доставува извештај до Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, за спроведувањето на Планот за чист воздух;

Се препорачува Министерството за економија, до Собранието на Република Македонија да достави извештај за ефектот од еколошките налепници за автомобилите;

Се препорачува Државниот инспекторатот за животна средина, до Собранието на Република Македонија во рок од два месеци да достави информација, колку контроли се направени, што е констатирано и што е превземено;

При надминување на прагот на алармирање за висока загаденост да се стопираат градежните активности во општините, градот Скопје и општините во градот Скопје;

Од страна на надлежните органи во пракса да се применува и спроведува Законот за шумите;

Забрана на производство, промет и употреба на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделните услуги заради заштита на животната средина. Изменување на членот 21 од Законот за животна средина со кое се забранува употребата на јагленот како средство за затоплување;

Интензивно решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии на територијата на Република Македонија;

Анализирање на одредени детални урбанистички планови во општините, кои што не се во согласност со генералните урбанистички планови и еколошките стандарди согласно законската регулатива, а на штета при планирањето и загадувањето на животната средина;

Овие Заклучоци да се достават до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, надлежните министерства, градот Скопје и до сите поканети учесници на јавната расправа.“

М.В