25 јуни, 2013 14:11
paula
/ Прочитано:
Утре објава на пресудата за „Детонатор“ — сè уште нема епилог за покер апаратите
Вторник, 25 јуни 2013 – По скоро 10 месеци од стартот, утре е објавувањето на судската одлука за процесот „Детонатор“ во кој обвинетите од полицијата беа прогласени како преставници на кочанското подземје што се занимаваат со лихва, изнуда, насилство, оружје и нелегален бизнис со покер апарати. Полициската акција ја размрда цела Македонија, со месеци се запленуваа покер апарати и се разрешуваа командири на полициски станици. На крајот од неколкупати прочистеното обвинение, покер апаратите немаат никаква врска со уапсените лица од Кочани и Виница. Дуќанџии и сограѓани со месеци раскажуваа за нивното искуство со обвинетите , а еден од клучните сведоци заедно со сопругата зборуваше за нарушените односи со обвинетите и обидот за убиство врз него. Низ предметот провејуваат транскриптите од телефонскиите разговори меѓу обвинетите, но и укажувањата на одбраната дека сведоците се лажни, а обвинителството и полицијата „изиграни“ од страна на оштетениот.
Полициската опсада во неколку градови во источниот дел на Македонија што се одвиваше во 2012 година, резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1.000 покер апарати и решетки за 14 лица, двајца од обвинетите се уште се во бегство. Се истражуваше дали штипската и кочанската полиција е поврзана со групата од акцијата „Детонатор“, но засега нема официјални информации од истрагата.
Безброј дуќанџии и сограѓани на обвинетите од Кочани и Виница дојдоа во судница да посведочат за нивниот однос и соработка со обвинетите. Неколкумина од нив со прст ги посочија како лица кои им за заканувале и ги рекетирале, повеќето, пак, тврдеа дека не постоеле закани и изнуди од страна на обвинетите.
Оштетениот Драганчо Стоименов кој преживеа неколку бомби подметнати под неговиот автомобил тврдеше дека обвинетите се оние што се обиделе да го ликвидираат поради нивните нарушени односи. Овој исказ го потврди и неговата сопруга. Обвинителството, пак, обидите за убиство ги нарече „безобзирна одмазда“ на обвинетите спрема оштетениот. Одбраната и обвинетите со месеци уверуваа дека Стоименов лаже, а сите оние кои сведочат против нив се негови блиски пријатели кои нему му прават услуга, а ним им прават штета.
Уочливи беа и неколкуте измени што ги преживеа обвинителниот акт. Кривичните дела во поголем дел опстанаа, двајца обвинети беа ослободени, а уште едно лице од Виница им се приклучи како обвинет за лихварство. Имено, покер апаратите кој сензационално беа прикажани во јавноста како еден од нелегалните бизниси со кои се занимавале обвинетите, не се дел од овој судски процес.
Неодамна, застапникот на обвинението Вилма Русковска појасни за што всушност ги гони обвинетите од овој предмет.
„Тука се работи за обвинение со многу сериозни дела, убиство од безобзирна одмазда, цела среќа што е во обид, потоа има изнуда, насилство, лихварство. Сепак за покер апаратите треба постудиозна работа, одзема повеќе време и тие ќе бидат опфатени во поединечни кривични пријави. Само во еден дел на крај од моите завршни зборови беше дека обвинетите зборувале шифрирано, но тие воопшто не зборувале шифрирано, многу јавно зборувале што правеле, биле толку силни и мислеле никој ништо не им може“, изјави Русковска.