/ Прочитано:

846

Утре отворање на понудите за набавка на нови 100 полициски возила

Вторник, 4 јуни 2013 – Утре ќе се отвораат понудите пристигнати по јавниот тендер објавен 25 април за прибирање понуди за набавка на нови сто моторни возила во полициска извидба.

Во Министерството за внатрешни работи утре во 11 часот ќе бидат отворени понудите пристигнати по јавниот тендер објавен 25 април, за прибирање понуди за набавка на нови сто моторни возила во полициска извидба. Отворањето на понудите ќе биде во Секторот за финасии при МВР (зграда бр 5 – сала за состаноци на приземјето). По отворањето на пристигнатите понуди ќе следи период на нивна евалуација по што сите што ќе ги исполнат бараните тендерски услови ќе бидат дополнително известени за терминот за електронската аукција.

Како што информира МВР, единствен услов е цената на која отпаѓаат сите бодови, односно јавната набавка ќе му припадне на оној понудувач што ќе конкурира со најниска цена на електронската аукција која ќе биде дополнително закажана. Право да учествуваат на електронското наддавање ќе имаат сите понудувачи кои ги исполнуваат претходно предвидените услови за учество на тендерот. Плаќањето е предвидено да биде на 36 месечени рати во текот на важноста на договорот, со 0% учество при купување на возилата. Првата рата на исплата на возилата ќе биде во рок од 30 дена од целосната испорака на возилата. Се бара рокот на испорака да биде не подолг од 90 дена од склучување на договорот, со место на испорака во Скопје во објект на МВР.

Од понудувачите се бара минимум гарантен период на возилата: на мотор и подвозје минимум 36 месеци или 100.000 км; на надворешен лак  3 години и на каросеријата од корозија 12 години. Предвидено е да понудат и 10 часовна обука на технички кадар на МВР за ситни поправки и периодично одржување и каталог на резервни делови на возилата. Исто така се предвидуваат и посебни услови за вградување на резервни делови кои не се предмет на гаранција во текот на гарантниот период (случаи кои не се опфатени со гарантните услови и условите за сервисирање за 36 месеци)- максимум 15% маржа на набавната цена на деловите(според ино фактура). Попуст од 30% на редовната цена на норма час. 

Понудувачите се обврзани и на тригодишна бесплатна „шлеп“ служба  во случај на дефект на возилата, на територијата на РМ, како и бесплатна техничка проверка на исправноста на возилата на секои 6 месеци, во овластен сервис/сервиси на економскиот оператор. Трошоците за одржување за сервисирање и потрошен материјал (замена на масло и филтер за масло на секои 10.000 км, замена на филтер за воздух, филтер за гориво и други потребни филтри согласно упаствата од производителот, 4 зимски/летни (во зависност од тоа со какви пневматици ќе биде испорачано возилото) пневматици индекс Х, едно дополнување на клима уредот со средство за ладење,) за времетраење на договорот (36 месеци), исто така се на товар на економските оператори – понудувачи, сопшти МВР.