Утре ПРЕСУДА за „Калдрма“ — најобемниот предмет во историјата на македонското правосудство

Среда, 22 мај 2013Основен суд Скопје 1 утре ќе ја објави пресудата за најголемиот предмет во историјата на македонското судство, „Калдрма“. Ова е третото продолжение на аферите со патарините низ земјава, останатите, „Змиско око 1 и 2“ сè уште се заглавени во судскиот систем. Со обвинението за овој предмет, 86 лица се товарат за незаконско работење на патарините и наводна проневера на над 2 милиони евра. Обвинението зборува за фалсификувани фискални сметки и организиран план што обвинетите наводно 3 и пол години го спроведувале  на 6 патарини од Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 86-те обвинети се и двајцата функционери од Македонија пат кои според обвинителството се главните лидери во организираниот криминал.

За неполна година, судската постапка за предметот „Калдрма“ е пред самиот крај. Околу 86 обвинети и нивните адвокати едвај ги собираше во најголемата судница на Врховниот суд. Сите обвинети се бранеа од слобода освен првообвинетиот кој според обвинителството е организатор на групата која со месеци незаконски работела на патарините ширум земјата.

Речиси сите обвинети ги негираа делата кои им се ставаат на товар. Со месеци тврдеа дека коректно наплаќале и воопшто не давале фалсификувани фискални сметки. Имаа забелешки и за бројот на работните смени, според нив во вештачењето е направена грешка со смените, а на тој начин е зголемена и штетата.

Додека „Калдрма“ речиси го доживеа крајот, по 6 години од првата полициска акција за криминалот на патарините, се уште нема никакво правосилно решение. Повтореното судење за случајот „Змиско Око 1“ тапка во место, а второто продолжение „Змиско око 2“ не е ниту почнато, со овие предмети опфатени се околу 70 лица. Минатата недела се одржа вонпретрес за првата полициска акција „Змиско око 1“ каде судскиот совет ги сослуша вештаците. Следното рочиште е закажано за 27.06.2013 година.  Еден од факторите кој влијае на ваквата ситуација е немоќноста на судот да ги собере обвинетите.

Прво сведоци во „Змиско око 1“, сега обвинети во „Калдрма“

Шефот и неговиот заменик, 10 сменоводители, изработувачот на фалсификуваните сметки како и 80 инкасанти се товарат за тешки кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ и фалсификување исправа од чл.378 од КЗ. Меѓу обвинетите има поранешни сведоци на обвинителството, кои сведочеа против своите колеги во судскиот процес за акцијата „Змиско око 1“. Заменик раководителот и неговиот кумашин кои пред неколку години ги пријавиле колегите за незаконско работење во МВР, овојпат тие одговараат за истите кривични дела.

Инкасантите поопремени, полицијата пософистицирана

За разлика од инкасантите и раководителите од „Змиско око 1“ и „Змиско око 2“ кои според полицијата наплаќале пола-пола, овојпат инкасантите и раководителите, со подобра организација. Покрај опремата за изработка на фалц фискални сметки пронајдени се купчиња со подготвени сметки со иден датум. За секоја смена имало подготвени сметки за секои две минути, списоци во кои пишувало кој колку платил за да добие профитабилна смена. Полицијата користела посебни истражни мерки, видео и аудио записи и таен агент.

Предметот се водеше под палката на судијата на Ѓоко Ристов, а застапник на обвинението е Златко Биковски. Во текот на судскиот процес дојде и до се смена на судскиот совет поради изборот на судијата Владимир Панчевски за претседател на Основниот суд Скопје 1.

>> Повеќе детали за предметот можете да проследите тука.