/ Прочитано:

736

Утре, прва средба на членовите на Комисијата за случувањата од 24 декември

Четврток, 13 јуни 2013 – Утре во Кабинетот на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, ќе се одржи првата средба на членовите на Комисијата, која треба да ги истражи случувањата во Собранието на 24 декември. Претседателот на Комисијата, Борче Давитковски, и професорите Рената Десковска-Тренеска и Љубомир Данаилов Фрчкоски, предложени од СДСМ, и пратениците Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во присуство на претседателот Иванов прв пат ќе седнат на заедничка маса, со што ќе го означат почетокот на работата на оваа Комисија, која треба да утврди дали на крајот на минатата година бил прекршен Уставот или не, пишува Утрински. 

Првата средба, според членовите на Комисијата, нема да биде работна и не се очекува суштинска расправа. Повеќе на овој начин ќе се означи формалниот почеток на нивното заседание, кое најмногу за два месеца треба да резултира со извештај и заклучоци за настаните во Собранието.

Се очекува на првиот состанок да се отвори прашањето за тоа како ќе одлучува Комисијата, односно дали со консензус како што бара ВМРО-ДПМНЕ или со гласање на што инсистира СДСМ. По првата консултативна средба, се очекува Комисијата да продолжи да заседава во просториите на Собранието. Членовите на Комисијата денеска немаа информации каде ќе ги држат состаноците, но тврдат дека уште во почетокот им било соопштено дека состаноците ќе се одржуваат во Собранието.

Брисел го поздрави конечното формирање на Комисијата и консензусот деканот на Правниот факултет, Давитковски, да ја води оваа Комисија.

Формирањето на Комисијата е само дел од политичкиот договор од 1 март меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кој беше постигнат со посредство на еврокомесарот Штефан Филе и европратеникот Ричард Ховит, со што ќе започне процесот на имплементација на обврските преземени со овој договор.