/ Прочитано:

899

Новинарите утре на средба со претседателот на скопскиот Кривичен суд

Понеделник, 3 јуни 2013 – Претседателот на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски, утре ќе го прими на средба Иницијативниот одбор на новинари, во врска со случајот во кој осомничен е новинарот Томислав Кежаровски. Денеска новинарите доставија барање до судот, за прием кај претседателот, со цел да добијат одоговори околу приведувањето на новинарот.  

„Во врска со барањето за прием на Иницијативниот одбор на новинари, а по однос на истражниот предмет на овој суд КИОК.бр. 41/13 во  кој е обвинет новинарот Томислав Кежаровски, Претседателот на судот во присуство на претставници на Канцеларијата за односи со јавност закажува средба за ден 04.06.2013 година – вторник во 14,30 часот во просториите на Основниот суд Скопје I Скопје со одговорните лица на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски односно со најмногу тројца претставници на одборот“, стои во соопштението во Основен суд Скопје 1.

Иницијативата за средбата е поддржана од Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и од Македонскиот институт за медиуми.

Кежаровски беше уапсен пред два дена во рамки на полициската акција „Ликвидација“. Осомничен е дека во 2008 година, како новинар во „Репортер 92“, во јавноста изнел информации и податоци за заштитен сведок во случајот „Ореше“, со што го прекршил Законот за заштита на сведоци.

Притворањето на Кежаровски предивика протест  на новинарите пред Кривичниот суд, а беше осудено и од ОБСЕ и здруженијата и синдикатите на новинари од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина. Негово ослободување побара и Меѓународната организација на новинари „Репортери без граници“.