Утре започнува меѓународната правна конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“

Тргнувајќи од претпоставката дека предуслов за постигнување најдобра практика и успешен бизнис модел се втемелените високи етички и естетски начела, овогодишната, четврта по ред, меѓународна правна конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“ се фокусира на правната етика и естетика.

Развивањето на успешни деловни модели е невозможно ако тие не се етички, ниту пак, можат да се достигнат високи стандарди во професијата ако тие не се унифицирани на начин прифатлив за  клиенти или потрошувачи. Исто така, невозможно е правните ризици да се разгледуваат изолирано од економските и од политичките ризици кои произлегуваат од актуелните состојби. За таа цел, Владимир Глигоров од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, на Конференцијата ќе ја елаборира темата за политичките ризици и за нивното влијание врз економските текови.

Познатиот адвокат од Чикаго, САД, Лука Мишетиќ, ќе зборува за своите искуства во Хашкиот трибунал, односно за управувањето со правните ризици во случајот на хрватскиот генерал Анте Готовина. Искуства поврзани со работата на компаниите и организацијата на настани, сместени во актуелниот балкански контекст, ќе сподели Теодорос Малфас, главен и извршен директор на „Мермерниот комбинат“ АД Прилеп, кој ќе говори за ризиците поврзани со инвестициите во балканскиот регион, вклучувајќи ја и актуелната економска ситуација во Грција.

Џон Адамс од САД, ќе зборува за концептот на слободните економски зони, споделувајќи го своето искуство и својот придонес во таа област во Македонија.  Слободанка Гиевска од „Македонски телеком“ АД, ќе зборува за управувањето со правните и други ризици во процесот на спојување на компании, со посебен осврт на случајот со „Македонски телеком“. Предраг Константиновиќ од Србија, ќе ги сподели своите искуства околу правната организација и управувањето со ризиците на еден од најголемите музички фестивали во Европа, фестивалот „Егзит“. Горан Јерас, претставник на првата eтичка банка со седиште во Осиек, ќе говори за предизвиците во основањето на банката и нејзините идни планови.

Еден сегмент од конференцијата е наменет специјално за адвокатите и адвокатските друштва кои ќе имаат можност да го слушнат највлијателниот бугарски адвокат за деловно право, Борислав Бојанов, кој ќе говори за транспарентните тајни на адвокатскиот бизнис и за предусловите за креирање успешен адвокатски бизнис, додека, пак, Рид Мекафри, ќе зборува за меѓународната арбитража и за етичките стандарди потребни при процена на можниот исход и при застапувањето во предметите.

На Конференцијата ќе се дебатира и за визуелизацијата на правото, што е еден од светските трендови во правната наука. За таа цел, професорката од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Скопје, Сузана Лошковска, ќе го пренесе своето знаење во врска со визуелизациите и можните примени во правото. Александра Девендра од САД ќе ги сподели своите искуства од примената на разните естетски модели во правото.

Континуираното образование е еден од највисоките приоритети на секој професионалец. Тргнувајќи од оваа констатација, учеството на оваа конференција, покрај споделување знаења, искуства, мислења, методологии, концепти, значи и можност за професионално поврзување со правниците од Македонија, од регионот и пошироко.