/ Прочитано:

1.267

Утврден Предлог-законот за стратешки инвестиции

Владата го утврди Предлог-законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија за проекти од јавен интерес, што е во согласност со регулативата на ЕУ за вакви инвестиции.

„Целта на овој закон е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во Република Северна Македонија, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности на Република Северна Македонија, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на Република Северна Македонија.

Во текстот што го предлага Владата, за стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на Република Северна Македонија, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.

Предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието на Северна Македонија, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на земјата и тоа за проекти за енергетиката со инфраструктурата; транспорт и телекомуникации; туризам; преработувачка индустрија; земјоделство, шумарство и водостопанство; прехранбена индустрија; здравство; индустриски и технолошки паркови; управување со отпадни води и отпад; информатичко-технолошки зони; спорт, наука и образование, како и за градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои имаат во својот состав повеќе од една од наведените области“, образложуваат од Владата.

М.В