/ Прочитано:

1.026

Векот на траење на дигиталните уреди — љубов и болка за неинформираниот потрошувач

Сред изменетите потреби на глобалното потрошувачко општество, технологијата секојдневно се себеоткрива преку разнообразни новитети. Супербрзи преносни и таблет-компјутери, паметни телефони и едночудо електронски композити се исфрлаат на пазарот со облоги од благородни метали или калено стакло. Под маската на квалитетниот дизајн, технолошките гиганти му ветуваат на корисникот долг век на траење на своите производи, но искуството на потрошувачите кои стануваат се позагрижени за своите права, често открива дубиозни практики во производството и продажбата на висококвалитетните дигитални уреди. Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите на Македонија, укажува оти дигиталните уреди остануваат во најголема мера достапни за лицата со повисок животен стандард и повикува на претпазливост при нивното купување.

Рекламите на големите технолошки компании често поентираат на надворешната робустност и високите перформанси како главни адути на апаратите од нивната понуда. Но, љубовта на прв поглед лесно може да се претвори во макотрпна игра: „планирано стареење“ е процесот што засилено се пробива на пазарот на дигитални уреди — делумно по заслуга на самите производители. На очиглед на потрошувачката заедница, компаниите исфрлаат нови модели во неверојатно куси рокови, притоа укинувајќи ја можноста за актуализирање на софтверот на постарите модели или ги врзуваат заменливите делови за куќиштето на апаратот, отежнувајќи какви било изгледи за самостојна поправка. Како последица, корисникот неретко се наоѓа себеси присилен да се обрати на овластен сервисен центар и да го предаде уредот на репаратура со економски несфатлива цена.

Незадоволството на потрошувачите, но и нивните изменети навики јасно ја оцртуваат тајната на технолошките големци за векот на траење на дигиталните уреди, иако за неа нема јавни докази. Кај многумина се јавува чувството дека денешната електроника е многу повеќе подложна на дефекти отколку пред една или две децении. Ова, само по себе, е логична последица на фактот што внатрешноста на современите дигитални уреди е далеку посложена од порано. Уште посилно, низ проблематиката провејува мошне битен психолошки момент: пред десет години, едно просечно домаќинство во Македонија располагаше со еден до два дигитални уреди, најчесто компјутери, а денес со најмалку пет — од персонален преку преносен компјутер, до паметни телефони и друга додатна опрема. Следствено, веројатноста за појава на дефект во домашната електроника е многу поголема, па така во свеста на потрошувачот неодминливо постои страв оти во секој момент нешто може се расипе.

Домашната потрошувачката свест, иако нерамномерно, најсилна кај младите членови на семејството

Во пресек на домашниот потрошувачки код, Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите на Македонија, вели дека дигиталната технологија, особено паметните телефони стануваат незаменлив дел од секојдневието на потрошувачите во Македонија. Апликациите во софтверскиот дел им го олеснија на многумина животот и во домот и на работното место. Голема предност, како што вели, е што на лицата со оштетен вид или слух како загрозена група потрошувачи, овие уреди им овозможуваат едноставен пристап до електронските комуникации. Својствата на вибрирање и тонско сигнализирање, како и апликациите за праќање инстант пораки ја олеснуваат комуникацијата на оваа заедница со ним важните луѓе. Сепак, Лончар-Велкова укажува оти дигиталните уреди, со оглед на граѓанскиот стандард, се во најголема мера достапни за потрошувачите што, бездруго, можат да си дозволат такво нешто, додека на лицата со пониски примања често им останува наложено користењето постари апарати.

Од агол на потрошувачката, додава Лончар-Велкова, најинформирана група за областа на современите технологии се младите генерации. Тие сè повеќе играат улога на „амбасадори“ во домот кога станува збор за користењето дигитални уреди. Обопштено, граѓаните ја зацврстуваат од година на година својата свест во врска со правата кои им следуваат како потрошувачи, но врската меѓу пазарот и домаќинството лежи во рацете на младите членови на семејството. Според неа, досегашната практика покажала дека младите се најиницијативни за отстранување неправилности во услужните дејности или, пак, на недоречености произлезени од дејноста на производителите. Оттука, младите прилично брзо реагираат на проблемите и покажуваат готовност за меѓусебно помагање, без, притоа, да дозволат умислено скроени процедури да ги обесхрабрат во намерата за остварување на своите права. Во секој случај, порачува таа, за да се избегнат несакани компликации, одлуката за купување треба да се носи претпазливо и врз основа на детална информираност.

Без оглед на комплексноста на потрошувачките процеси и без разлика на својата социјална заднина — поведени од диктатот на глобалниот пазар, потрошувачите и натаму се решаваат за промена на мобилниот телефон, просечно, на секои две години. Фасетата што останува непроменета е недостигот од јавна дебата во врска со сè помасовната потрошувачка во доменот на електрониката за сметка на сè посиромашните природни ресурси. Ако кон неа се додаде и ограниченоста на можностите, но и неволноста за рециклирање на веќе исфрлените уреди од употреба, сликата станува уште позагрижувачка; ова особено важи за прилепените батерии и умислено зацврстените облоги на уредите кои најмногу ја обременуваат постапката на рециклирање. Ваквиот тренд, впрочем, не се однесува само на Македонија. Според актуелен извештај на Програмата за екологија на Обединетите нации, низ светот, на годишно ниво се создаваат четириесет милиони тони електронско ѓубре.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 06.02.2013