Велес и Струмица – првите општини со сертификат за поволно деловно oпкружување
Петок, 7 јуни 2013 – Велес и Струмица се првите општини во Македонија со сертификат за поволно деловно oпкружување (Business friendly certificate – NFC). Сертификатите што беа доделени денеска значат дека исполнуваат определени стандарди како порака до потенцијалните инвеститори оти ќе добијат квалитетни услуги и информации од општинската администрација.
Во тек на 18 месечниот проект, што се спроведе со поддршка од Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа, администрациите на Велес и Струмица исполнија 12 критериуми и поминаа повеќе фази на евалуација, имплементација и верификација на потребните резултати. Како пилот општини во проектот беа вклучени и Штип и Струга.
Според регионалниот проектен менаџер од Отворениот регионален фонд, Кристоф ди Марко, во Македонија има голема иницијатива за привлекување инвестиции, поради што е важно партнерството на општините со бизнисите.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски оцени дека сертифицирањето низ кое поминаа општините е сложен процес што бара многу вложувања, дополнителна работа и активности на општинската администрација.
Златко Калеников, претседателот на Сојузот на стопанските комори ССК порача дека е неопходно што поголем број општини во Македонија да се сертифицираат. Тоа, според него, ќе ја поттикне конкуренцијата меѓу општините за привлекување нови инвестиции.
Во регионалниот проект, што е во завршна фаза, се вклучени 14 општини од Југоисточна Европа. Целта на проектот е преку сертификацијата на општините да се создаде поволна бизнис клима што ќе понуди ефикасна администрација, транспарентно локално владеење, соодветна транспортна инфраструктура и партнерство со индустријата.