/ Прочитано:

2.260

Велика Британија ќе воспостави „привремена царинска унија“ со ЕУ по Брегзит

Владата на Велика Британија веќе подготвила план за уредување на царинска спогодба која земјата треба да ја постигне со членките на Европската Унија откако целосно ќе заврши процесот на Брегзит. Со реализација на овој план, како што наведуваат Би-би-си, „Индипендент“ и другите влијателни медиумски куќи во Обединетото Кралство, би ѝ се овозможила на Велика Британија слободна трговија без никакви ограничувања со другите земји членки на Европската Унија.

Британските медиуми денеска објавија дека Владата на Велика Британија веќе подготвила план за уредување на царинска спогодба која земјата треба да ја постигне со членките на Европската Унија откако целосно ќе заврши процесот на Брегзит.

Со реализација на овој план, како што наведуваат Би-би-си, „Индипендент“ и другите влијателни медиумски куќи во Обединетото Кралство, би ѝ се овозможила на Велика Британија слободна трговија без никакви ограничувања со другите земји членки на Европската Унија. Планот подразбира постоење на „привремена царинска унија“, со што би се избегнале граничните проблеми откако Британија формално ќе излезе од европскиот блок.

Британската бизнис заедница извесен период бара од Владата детали за условите под кои ќе се одвиваат трговските релации со Европската Унија, особено откако и официјално беше потврдено дека Британија ќе ја напушти царинската унија.

Инаку, царинска унија претставува територија за слободна трговија во рамките на ЕУ за земјите кои се дел од унијата. Во земјите кои припаѓаат на царинската унија не се воведуваат посебни даноци при увозот, односно нема такси од страна на една држава кон друга.

Со европската Спогодба за царинска унија, сите земји членки на ЕУ имаат иста увозна тарифа за стоките што доаѓаат од странство.

Документот за царинската унија е првиот што Владата во Велика Британија ѝ го понуди на јавноста, со цел да се види какви се британските позиции за бројните прашања за кои веќе се преговара со официјален Брисел, за излегувањето на земјата од Европската Унија.

Британските медиуми денеска посебно нагласуваат дека во наредниот период се очекува Велика Британија да побара од ЕУ да се воспостави „привремена царинска унија“ за времето на транзиција, откако Британците ќе се повлечат од ЕУ, на крајот од март 2019 година.

Во тој период, Британија и ЕУ ќе може да почнат преговори за идните трговски односи, односно за постигнување договор за слободна трговија, што во моментов формално-правно не може да се направи, затоа што Британија и натаму е членка на ЕУ.

До крајот на оваа недела се очекува да биде публикуван и документот за британските видувања како да се уреди прашањето за границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, едно од трите клучни прашања во преговорите со Брисел.

А. Б.