/ Прочитано:

1.562

Велосипедската сезона отворена, ловот почна: 948 кражби на велосипеди регистрирани минатата година

Празната глетка од местото, кадешто пред некоја минута сте го врзале својот велосипед, е реалност за многу македонски велосипедисти. Едноставно, постојните решенија за врзување велосипеди не функционираат. Разочарувачка статистика бележи ланската година: од 948 регистрирани кражби на територија на РМ за 2012 година, само 122 биле расветлени. Сезоната на велосипеди штотуку се отвори, а само од почетокот на 2013 година досега во МВР пријавени се 70 кражби, од кои 11 добиле разрешница. Упатените во проблематиката, тронка надеж гледаат во воведување на единствен регистар на велосипеди во Македонија. 

„Велосипедот марка „Каприоло“, ми беше украден пред седум месеци од влезот на зградата, 7-ми спрат, пријавен е во полиција, но не е најден. Другиот велосипед, марка „Полар“ не преживеа ниту 3 месеци, украден е од влез на деловна зграда. И оваа кражба ја пријавив во полициска станица со приложена гаранција и фискална сметка, а и крадецот е препознаен на фотографии што ни ги приложија во станица, бидејќи колегите подоцна го виделе, се вратил да ги краде и столиците, каде што стоеше велосипедот, но и овој велосипед не е најден“,  разочарано раскажува скопјанка.

Уште многу вакви примери на кражби на велосипеди, можат да ви раскажат пријатели, љубители на велосипедизмот, а можете и да се уверите сами на групата „Украдени точаци“ која неодамна е отворена на социјалната мрежа „Фејсбук“ и брои над 1000 членови и оштетени граѓани. Немоќни пред она што им се случува, овие граѓани ја земале работатата во свои раце, па тука можат да се најдат и фотографии од осомничените, по некое видео од безбедносните камери, но и локациите каде најчесто може да се најде украдениот велосипед.

Има и такви среќници кои успеале да си го вратат велосипедот.

„По 2 часа откако се случи кражбата, другар се разминал со крадецот,  го познал велосипедот и тргнал кон него, по што крадецот го фрлил и побегнал, пријавено е во полиција дека е најден“, пишува еден член на групата.

Иницијалната каписла за создавање на оваа групата бил пронајден велосипед, една година откако е украден, раскажува основачот Јане Стефанов.

„Вџашен од случкава, ми се роди надеж дека и моите два велосипеда кои беа украдени, сега се возат по улиците и нема кој да ги препознае. Бидејќи најголем број од Македонците живеат на Фејсбук логично беше да направам група и да се поврзам луѓе што ја имаат истата мака.  Ја промовирав меѓу моите пријатели и почнаа да се редат слики и приказни, како се случило, односот на полицијата кога пријавувале и сл. Ме изненади колку брзо групата растеше, не само меѓу моите пријатели туку и велосипедисти кои ја имаат истата мака: „Украдени точаци“. Одредени корисници најдоа слики како им го крадат велосипедот. Други го идентификуваа крадецот со име, презиме и локација. Тоа беше пријавено во полиција, но од таму одговорот бил дека е бездомник и не можат да го најдат и казнат. Се зборува дека украл преку 200 велосипеди и ги продавал на пазарите од 500 до 1000 денари. Тоа ги разлути корисниците на групата и беше тешко да се смират страстите кои некако природно ги насочија кон крадецот. Имаше и повици за физичка пресметка, но јас како креатор на групата ги избришав и им објаснив дека треба енергијата да ја фокусираме кон институциите и да ги натераме да си вршат својата работа. Сметам дека плаќам даноци за да не се тепам по улици со крадци“ вели Стефанов.

Како што растел бројот на луѓето во оваа група, така растеле идеите и потребата од изнаоѓање решенија. Стефанов се надева дека групата ќе добие димензија на граѓанска иницијатива.

„Имаше поуки за начини на заклучување  на велосипедите, идеи за правење на регистар, потреба од кампањи за едукација на луѓето за да не купуваат велосипеди на улица за 500 денари. За жал како се затоплува времето се зголемува бројот на членови. Значи повеќе луѓе се зафатени со оваа мака“, укажува тој.

Упатените велат дека постојат два типа на крадци на велосипеди: голем број се аматери кои како што раскажуваат и нашите соговорници ги продаваат велосипедите многу евтино, а другиот тип се оние кои таргетираат скапи велосипеди кој потоа се случува да ги продаваат и на делови, многу често онлајн. Причината, зошто крадците толку лесно се извлекуваат се препишува на тоа што не постои никаква поврзаност на жртвата со крадецот, а и тешко се докажува сопственоста бидејќи ретко кој чува потврда за купен велосипед.

„Согласно со нашата важечка регулатива, навистина тешко се докажува сопственоста, односно сопственикот на велосипед. Тешкотијата во докажувањето произлегува од факот дека истиот не се регистрира, како што тоа е случајот со автомобилите, пловните објекти или авионите, нема посебен регистарски број, а особено што не постои регулатива, постапка или регистар во кој би се навеле некои од податоците кои би ја евидентирале сопственоста на велосипед. За сега единствен доказ кој би можел евентуално да даде барем некоја сигурност и трага за вистинскиот сопственик е доказ од купопродажбата на велосипед, фискална сметка, сметкопотврда или слично, како и сведоци“, вели адвокат Ана Тошиќ.

Тошиќ оценува дека воведување на единствен регистар на велосипеди би помогнал во откривање на се позачестените кражби.

„Би било одлично да се воведе единствен регистар на велосипеди во Македонија, каде ќе може многу лесно, ефективно, брзо и со симболичен надоместок да се изврши упис и да се евидентира сопственоста на велосипед, во секоја општина на териоторијата на Република Македонија. Секако дека би помогнал во откривање на се позачестените кражби, кои патем се „инспирирани“, меѓу останатото и од ваквите празнини“, заклучува таа.

На глобално ниво, кражбите на велосипеди, завземаат облик на епидемија. Во САД овој тип на кражби важат за една од најслабите алки кога е во прашање нивното решавање. Вредноста на украдени велосипеди во оваа земја, ФБИ ја проценува на 350 милиони долари годишно. Њујоршката полиција за 2012 година регистрирала 1.694 украдени велосипеди во „Големото јаболко“. Од 7.000 до 12.000 украдени велосипеди годишно е билансот во Торонто. Британските власти пресметале дека во Англија и Велс се краде по еден велосипед на 71 секунда, што значи приближно 440.000 велосипеди годишно. Поучени од минатото,  во Холандија, многу од велосипедите се продаваат со  микрочип преку кој се лоцира движењето на велосипедот.


Автор: Елена Павловска Објавено: 26.04.2013