Вештачката интелигенција и правото: разговор со адвокат Ана Пепељугоска
„...најголемиот предизвик и сопирачка за употребата на вештачката интелигенција во постоечките правни рамки при создавање на дела кои можат да бидат заштитени со интелектуалната сопственост е прашањето за сопственоста на создадените дела и одговорноста од повреда на правата.“
1. Вештачката интелигенција навлегува во сите сегменти на работењето и секојдневниот живот со галопирачка брзина. Дали правното нормирање ја следи нејзината брзина?
И покрај тоа што во светски рамки постојат одредени обиди за правно регулирање на вештачката интелигенција, за жал правната регулатива заостанува зад овој предизвик.
На меѓународно ниво, ОЕЦД има усвоено необврзувачка препорака за вештачката интелигенција во 2019 година и УНЕСКО, исто така, усвои препораки за етиката на вештачката интелигенција во 2021 година.
Во Соединетите Американски Држави усвоен е пристап на laissez faire кон вештачката интелигенција. Имено, Белата куќа најави во јули минатата година дека седум технолошки компании доброволно се обврзале на одредени принципи кон регулирањето на вештачката интелигенција. Меѓутоа ова не се некои нови принципи, туку принципи кои веќе поголемите технолошки компании премолчено ги имплементираат. Соединетите Американски Држави се на почетокот на еден долг и тежок процес на создавање на правила, политики и прописи за регулирање на вештачката интелигенција.
Кинеската администрација за сајбер-простор, на 15.08.2023 година го донесе Законот за генеративна вештачка интелигенција, кој е последниот од низата прописи кои таргетираат одредени аспекти на вештачката интелигенција и прв пропис кој се однесува на генеративната вештачка интелигенција. Целта на овој закон е да се воведат ограничувања на компаниите кои ги обезбедуваат овие услуги за крајните потрошувачи, како во поглед на податоците кои се користат, така и во поглед на крајниот производ. Сепак, финалната верзија на овој закон е далеку поблага од првичните нацрт-верзии. Причината за ова се гледа во тоа што Кина од една страна се обидува да ја поддржи употребата на вештачката интелигенција во индустријата, а од друга страна сака да го минимизира ризикот од употребата на новиот вид на технологии.
Европската Унија се обидува да се прикаже во улогата на протагонист во амбициозен проект кој има за цел воспоставување на граници (правни, етички и политички) при употребата на системите на вештачка интелигенција. Оваа година Европската Унија го усвои долгоочекуваниот синтетизиран пропис, т.н. Акт за вештачка интелигенција („AI Act“). Претходници на овој акт се Декларацијата за соработка во областа на вештачката интелигенција од 10.06.2018 година, Резолуцијата за сеопфатна индустриска политика за вештачка интелигенција и роботика од февруари 2019 година, Белата книга за вештачка интелигенција од февруари 2020 година, како и повеќе документи кои се однесуваат на регулирање на вештачката интелигенција во кривичните постапки. Основата на овој пропис е системот за оцена на ризици кои се класифицираат во четири нивоа, направени на база на реперкусиите кои вештачката интелигенција може да ги има врз основните човекови права и безбедноста на луѓето. Принципот на кој се уредени овие нивоа е тој што предвидува поголеми заштитни мерки, онаму каде постои опасност од поголема инвазивност на вештачката интелигенција. Целта на законодавецот со предлог-регулативата е да направи баланс помеѓу прекумерната регулација и laissez faire, во еден систем на нематеријални добра, каде што премногу правила би го попречиле напредокот, но од друга страна отсуството на истите би ги загрозило основните права на граѓанското општество и слободите на луѓето.
Во Република Северна Македонија, за сега нема обиди за регулирање на вештачката интелигенција. И покрај тоа што Република Северна Македонија се стреми кон членство во Европската Унија, за жал истата не ги следи трендовите на развивање на законодавството во „модерен правец“. Па така, од лидери во регионот во регулирањето на интелектуалната сопственост, што своевремено, исто така, било предизвик како што е денес регулирањето на вештачката интелигенција, Република Северна Македонија остана последна во хармонизирањето на своето законодавство и имплементирањето на прописи чија цел е регулирање на интернет просторот, социјалните мрежи, дигиталните технологии, стриминг платформите и слично. Сите извештаи од 2020 година па наваму на Европската Комисија укажуваат на тоа дека имаме умерен пристап кон проблематиката на правата од интелектуална сопственост. Фактот што Националната стратегија за интелектуална сопственост сè уште не е донесена, само го потврдува ставот дека Република Северна Македонија заостанува зад европските држави во регулирањето на прашањата кои тие веќе ги имаат апсолвирано, а од оваа перспектива вештачката интелигенција е само една недостижна желба за размислување.
2. Кои предизвици ги наметнува вештачката интелигенција од правен аспект во однос на заштитата на интелектуалната сопственост?
Според мене, најголемиот предизвик и сопирачка за употребата на вештачката интелигенција во постоечките правни рамки при создавање на дела кои можат да бидат заштитени со интелектуалната сопственост е прашањето за сопственоста на создадените дела и одговорноста од повреда на правата. Кој е сопственик на музиката создадена со вештачка интелигенција, компјутерот, или човекот, оној кој го направи софтверот или оној кој го употреби и му даде одредени насоки? Веќе почнаа првите спорови? Одговорите на овие прашања преку пресудите на судовите во Европската Унија и Соединетите Американски Држави ќе бидат и водилки за нас земјите во развој. Но, не треба да заборавиме дека правните проблеми во правото на интелектуална сопственост не враќаат назад кон принципите на класичното граѓанско право.
Се разбира, новите правни дисциплини и нивните принципи тука не смееме да ги заборавиме. Па така, не случајно последниве години се хармонизира и заштитата на трговските тајни и know how. За бизнисот, неовластеното користење на овие нерегистрабилни права на интелектуална сопственост, може, исто така, да претставува проблем кога со помош на вештачката интелигенција некој многу лесно ќе дојде до овие информации.
Злоупотребата на вештачката интелигенција во создавањето на иновации кои не се очигледни, а истовремено се комплексни за разбирање за општеството е уште еден не само правен туку и етички предизвик.
3. Може ли да издвоите судска пракса на оваа тема која е актуелна?
Иако се чини дека вештачката интелигенција е нешто кое е актуелно од неодамна, од 2014 година постојат одредени спорови поврзани со употребата на вештачката интелигенција и заштитата на интелектуалната сопственост.
Поновите спорови кои беа и медиумски популаризирани се за „Новиот Рембрант“ и спорот помеѓу Њујорк тајмс и Опен АИ/Мајкрософт за повреда на авторско право од пишаните текстови на новинарите. Интересно е каков ќе биде исходот од овие спорови, особено ако се земе предвид стојалиштето на Американскиот завод за трговски марки и патенти и Европскиот завод дека пронајдувач, односно автор на дело не може да биде вештачката интелигенција.
Имено, Европскиот суд на правдата го реафирмираше своето стојалиште од случајот Infopaq International A/S v Danske Dagbaldes Forening (C-5/08), дека со авторско право може да се заштитат оригинални дела и таа оригиналност мора да ја рефлектира сопствената интелектуална креација на авторот, што подразбира дека за да ја рефлектира личноста на авторот, мора да постои човек како автор на одредено дело.
Интересен е и случајот Lush v. Amazon ([2014] EWHC 181). Амазон имал усовршено софтвер што го анализира однесувањето на корисниците на Интернет и прикажува реклами за производи кои веројатно ќе бидат интересни за нив или на Google преку Google AdWords или на сопствената веб-страница на Amazon секогаш кога корисникот ќе постави одреден термин за пребарување. Но, Lush никогаш не ги пласирал своите производи на Amazon, а Amazon имал поставено линк кој содржел генералии на Lush, но водел до конкурентски производи и производи кои воопшто не се дел од портфолиото на Lush. Судот во Лондон усвоил две од трите барања на Lush.
Louboutin v. Amazon (C‑148/21 и C‑184/21) го анализира концептот каде на платформата на Amazon се јавуваат онлајн трговци кои продаваат фалисифкувани Louboutin чевли. Алатката на Amazon која употребува вештачка интелигенција дополително ги стимулира овие повреди на начин што сугерира рекламирање на овие онлајн трговци. Louboutin сметал дека на овој начин Амазон директно прави повреда на трговските марки на Louboutin. Европскиот суд на правдата потврдил дека постои директна одговорност на Амазон за повреда на трговските марки на Louboutin при што заклучил дека операторот на онлајн пазар, кој интегрира сопствена продажна платформа и продажба на стоки од трета страна, може да биде одговорен за огласи од трета страна што ја нарушуваат трговската марка на трето лице, доколку просечниот потрошувач би бил збунет во врска со потеклото на огласот (т.е. ако разумно информиран и внимателен корисник формира врска помеѓу услугите што ги обезбедува операторот на пазарот и трговската марка).
4. Кое е Вашето чувство во однос на вештачката интелигенција? Ќе има позитивен ефект во работењето во годините што следат или треба да се плашиме од неа?
Нормално и логично е дека секоја нова технологија предизвикува доза на страв и неизвесност од тоа како истата ќе се развива и кои ќе бидат обидите за нејзино регулирање во иднина. Ако се направи паралела со регулирањето на односите на интернет просторот и одговорноста на интернет сервис провајдерите, креаторите на содржина и корисниците на услуги на интернет, во најширока смисла на зборот, може да се изведе заклучок дека процесот на кристализирање на правилата во доменот на вештачката интелигенција ќе биде предизвик во наредните десет години.
Од аспект на правното регулирање и примената на прописите, она на што треба да се обрати внимание е постоечката регулатива при решавање на споровите поврзани со вештачката интелигенција. Неспорно е дека во овој правен вакум, правниците ќе бидат приморани да ги применуваат постоечките прописи при анализа на случаите на повреда и да се прави проценка врз база на основните принципи на правото. Впрочем, на тоа се засноваат и сите закони кои ги регулираат т.н. „модерни правни гранки“.
Неспорно е дека вештачката интелигенција ќе ја олесни работата на голем број бизниси и ќе овозможи поголема достапност на одредени елементи.
Но, сметам дека не треба да го заборавиме и поширокото влијание на вештачката интелигенција. Па така, доколку не се дефинираат прецизни граници од етички, морален, општествен и правен аспект, многу лесно може да дојде до злоупотреба на алатките на вештачка интелигенција, зголемување на можноста за повреда на правата од интелектуална сопственост .