/ Прочитано:

829

ВИДЕO: Кривични пријави за лицата што според полицијата сакаа насилно да влезат во СВР Штип

Вторник, 5 март 2013 – СВР Штип поднесе кривини пријави до штипското Обвинителство против пратеничката од СДСМ  Билјана Казанџиска, кандидатот за градоначалник од истата партија Здравко Коцев и против десетина лица кои минатата недела според полицијата се обидоа насилно да влезат во полициската станица. Според кривичните пријави групата спречила службено лице да си ја обавува работата и направиле напад врз службено лице. 

Претходно истата група протестирајќи пред Фондот за здравствено и пензиско осигурување во Штип, со ланец ја врзале вратата оневозможувајќи им на граѓаните слободен влез и излез од институцијата. Кривичните пријави се поради полициско сомнение дека лицата сториле 2 кривични дела, спречување службено лице во вршење на службено дејствие и напад на службено лице при вршење работи на безбедноста.

Според првичните сознанија на 28 минатиот месец, околу 15.50 часот, лицата што заработија кривични пријави заедно со група на граѓани се собрале во непосредна близина на влезот на полициската станица во Штип со намера насилно да влезат внатре и да спречат обавување на информативен разговор со три лица, на кои претходно им е издадена покана за водење службен разговор. Пратеничката од СДСМ Билјана Казанџиска и кандидатот за градоначалник од СДСМ Здравко Коцев, според полицијата заедно со групата употребиле сила и туркање со раце, физички ги спречиле полициските службеници во вршењето на службено дејствие и продолжиле кон самиот влез на зградата на СВР – Штип. Од полициските службеници постојано биле предупредувани да застанат, но тие не ги послушале наредбите, стои во соопштението на МВР.