/ Прочитано:

1.174

(ВИДЕO) Двајцата адвокати, поранешниот директор на УБК и управители на фирми осомничени дека проневериле над 1 милион евра

Четврток, 18 април 2013 – Во полициската акција со оперативно име „Агент“ приведени се 4 лица, а по две полицијата се уште трага. Приведените се осомничени за перење на пари и фалсификување на исправи, поврзани со атрактивното земјиште близу спортската сала „Борис Трајковски“ каде требаше да никне словенечки „Меркатор“. Меѓу приведените се поранешниот директорот на УБК, Слободан Богоевски, адвокатите Владо Пешликоски и Васко Томановиќ, уште двајца македонски државјани и еден Словенец. Полициските сознанија се дека преку фиктивни купопродажни договори испрале над милион евра. 

Четирите уапсени лица се наоѓаат во судот каде во 17 часот треба да почне распитот пред истражен судија. Според првичните информации меѓу приведените се управители на фирми преку кои наводно се переле пари, но и физички лица кои изработувале фалсификат исправи. Осомничени се за перење пари, фалсификување исправи, употреба на исправа со невистинита содржина и „злоупотреба на службената положба и овластување.

Според полициските информации осомничените го искористиле раскинувањето на договорот склучен меѓу тогашното Министерство за градежништво и урбанизам и кипарската фирма „Централ Банк Инвесмент“ уште во 2000 година, во однос на купување на атрактивното земјиште во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Имено, како што се наведува во соопштението на МВР, осомничените адвокатите изготвиле нови купопродажни договори со невистинита содржина помеѓу дел од нив како физички лица и нивни фирми за наводно посредување за раскинување на споменатиот договор, кој претходно веќе бил раскинат.

Според полициската истрага, осомничениот  Томановиќ (39) од Скопје, како адвокат и полномошник на фирмата „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ од Никозија, три месеци пред раскинување на договорот формирал фирма во Скопје со идентично име „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ ДООЕЛ Скопје. Договорот за земјиштето со кипарската фирма од страна на сегашното Мистерството за транспорт и врски бил раскинат на 03.03.2009 година, заради неисполнување на обврските. Веќе наредниот ден по раскинувањето на договорот, односно на 04.03.2009 година, со фирмата „Инвестмент Интернационал“ ДОО Скопје, која е во сопственост на Меркатор Словенија, а управувана од пријавениот словенечки државјанин, адвокатот склучил договор во име на кипарската фирма, а во понатамошната содржина на договорот наместо „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ од Никозија, стоело „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ ДООЕЛ Скопје. Полициските сомненија се дека целта на ваквиот договор биле паричните средства кои „Инвестмент Интернационал“ треба да ги префрли на „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ од Никозија по основ на обесштетување за наводно направени трошоци за користење на земјиштето, да бидат префрлени на скопската „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“, во сопственост на адвокатот.

Инаку словенечката фирма „Меркатор“ била заинтересирана за купување на атрактивното земјиште, а подоцна и го купила земјиштето од РМ. „На овој начин паричните средства согласно договорот од 04.03.2009 година, никогаш не биле префрлени на сметката на кипарската фирма, туку на фирмата со идентично име од Скопје, сопственост на адвокатот, а управувана од петто пријавениот А.Ј.(29) од Скопје“, се наведува во соопштението на МВР.

Според МВР, во ова му помогнал словенечкиот државјанин, управител на „Инвестмент Интернационал“, со тоа што иако знаел дека парите треба да бидат префрлени на кипарската фирма, ги префрлил на фирмата од Скопје со идентично име. Откако паричните средства биле префрлени на сметката на скопската фирма, со цел да се прикрие потеклото, пријавениот адвокат склучува договори со невистинита содржина за наводно посредување за раскинување на предметниот договор (кој претходно веќе бил раскинат) со фирмите Интерпарт Ком ДООЕЛ Скопје, сопственост на осомничениот адвокат Владо Пешликовски (43), а управувана од друг одомничен  Д.Т.(30) и со физичкото лице, осомничениот Слободан Богоевски (62).

Полицијата се сомнева дека поранешниот директорот на УБК, во случајот се јавува како физичко лице на чија лична трансакциска сметка се уплаќаат 28.670.000 денари, од кои 17.500.000 ги вади во готово, 3.000.000 ги враќа на скопската фирма, а 8.000.000 остануваат на неговата сметка.

Осомничениот Томановиќ, склучува ваков договор и со фирмата „Интерпарт Ком“ ДООЕЛ Скопје на која и се префрлени парични средства во износ од 24.260.000,00 денари. Управителката на „Интерпарт Ком“ ДООЕЛ Скопје за да го реализира овој договор склучува договор со осомничениот Пешликовски кој иако фигурира како сопственик, како адвокат требало да посредува во раскинувањето на предметниот договор за што му префрлила износ од 17.940.900,00 денари, наведуваат од МВР.