/ Прочитано:

999

Видео надзор за спречување на инциденти во училиштата

Среда, 24 април 2013 – Секое училиште кое планира да инсталира систем за видео надзор претходно треба да подготви анализа за инцидентите кои претходно се случиле, на кој простор се случиле, кој простор од училиштето е потенцијално опасен (на пример лабораториите каде се прават експерименти по предметот хемија), до кој простории имаат пристап овластените лица, односно вработените, а каде немаат пристап учениците, укажува инспектор Билјана Волческа од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП).

Поради Зголемениот број инциденти помеѓу младите во училиштата ДЗЛП во следните три дена организира работилници за директорите на училиштата, наставниците и професорите за да ги запознае со законските обврски, правилниците и постапката за воведување видео надзор и снимање.  Целта на работилницата е да се воочи  која е придобивката од користењето на видео надзорот во училиштата и дали неговото користење можеби во дадени ситуации ќе доведе до преминување на границата и нарушување на приватноста на учениците, наставниците, професорите.

Во Законот за заштита на личните податоци точно се предвидени местата каде што е забрането вршењето видео надзор. Тоа се гардеробите, соблекувални, санитарни чворови, лифтови и други слични простории. Експертите од ДЗЛП денеска им посочија на учесниците на првата работилница, дека исто така видео надзорот е непотребен во наставничките канцеларии, во училниците и слично.

Еден од клучните аспекти, на кои се посочи, е местополжбата на камерите и нивните технички параметри. Бројот на камерите кои ќе се инсталираат секако зависи од големината на просторт на контролорот, од нивото на сигурност кое се сака да се постигне. Се препорачува камерите од еден систем за видео надзор да се од ист вид што обезбедува ефикасно функционирање на системот. Се предупредува дека бројот на поставените камери ако е непропорционален со целите заради кои системот за видео надзор бил првично инсталиран, можноста за повреда на правото на приватност е поголема, па затоа препораката е да се инсталира онолкав број камери што ќе ја обезбедат потребната заштита на просторот. Исто така експертите наведуваат дека треба да се одреди времето кога видео надзорот ќе биде активен. Училиштето задолжително треба да ги извести вработените за вршење на видео надзорот во службени или деловни простории. Пристап до снимените материјали од видео надзорот не може да има секој вработен во училиштето туку само ограничен број овластени лица, кои ќе имаат потпишано изјави за тајност и заштита на личните податоци. 

Меѓународните прописи за заштита на личните податоци и Законот за заштита на личните податоци јасно укажуваат на тоа дека секој контролор, во случајов училиштето, може да врши видео надзор во службени или деловни простории ако тоа е потребно за заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории.