ВИДЕО: Уапсени 13 лица осомничени за фалсификување на платежни картички
Среда, 3 октомври 2012 – Тринаесет лица, од кои дванаесет се македонски, а еден црнгорски државјанин се осомничени за употреба на фалсификувани платежни картички со цел вршење на нелегални трансакции, соопшти денеска МВР. Единицата за компјутерски криминал при Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР на РМ по претходно спроведена меѓународна истрага во соработка со полициските служби во Регионот (Р.Србија, Р.Црна Гора и Р.Бугарија), а во координација на СЕЛЕК Центарот, утврдила дека членовите на криминалната група извршиле вкупно 61 нелегални трансакции во вкупно 32 продажни места во Скопје и Охрид, од кои 26 нелегални трансакции во износ од 494.382 денари биле успешни, а 35 нелегални трансакции во износ од 1.577.436 денари биле неуспешни.
Како што соопштија од МВР, М.Н.(29), Б.Т.(25), двајцата од Скопје и М.Р.(61) – црногорски државјанин, се организатори на криминалната група, а Ј.З.(25) од Прилеп, Ѓ.Р.(43), Е.Р.(19), Г.М.(31), С.Д.(36), Д.Д.(33), Д.П.(30), З.С.(39), С.Ј.(29), сите од Скопје и М.Р.(35) од Охрид се членови на криминалната група.
Со фалсификувана платежна картичка славел роденден
Криминалната група била формирана во 2011 година, при што на почетокот била насочена кон вршење на нелегални трансакции на продажни места најчесто бензински пумпи во Скопје, за купување стока за широка потрошувачка и продажни места со техничка стока.
Во текот на месец февруари 2012 година кон криминалната група се придружил и Ј.З. кој со фалсификувани платежни картици кои ги набавувал од М.Н. вршел нелегални трансакции на продажни места во Скопје.
Во мај 2012 година со приклучувањето кон криминалната група на Г.М. и Д.Д. и С.Д. (брат и сестра) криминалната група го насочила своето дејствување кон вршење на нелегални трансакции со фалсификувани платежни картички на продажни места, а по претходен договор со вработените или сопствениците на истите. На тој начин на 19.05.2012 година членовите на криминалната група, по претходен договор со С.Ј., келнер во ресторан во Скопје, извршиле нелегална трансакција со фалсификувана платежна картичка во износ од 77.000 денари, плаќајќи за роденденска забава во ресторанот.
Во текот на јуни и јули 2012 година во Охрид, братот и сестрата заедно со Г.М., а по претходен договор со М.Р., сопственик и управител на салон за убавина и златара извршиле 3 успешни нелегални трансакции во износ од 181.500 денари и 14 неуспешни нелегални трансакции во износ од 1.130.300 денари.
Ѓ.Р. и Е.Р. (татко и син) биле задолжени да поставуваат уреди за прибирање на податоци од платежни картички во странство, кои податоци подоцна ги доставувале на М.Н., а тој заедно со Н.Н. бугарски државјанин ги изработувал фалсификуваните платежни картички.
З.С. бил задолжен да врши нелегални трансакции со фалсификувани платежни картички во странство.
Дел од уапсените издржувале затворска казна во повеќе европски држави
При извршен претрес во домовите на осомничените пронајдена е опрема за прибирање на податоци од платежни картички: 3 уреди (скимери) за преснимување на податоци од платежни картички кои се поставуваат на банкомати и служат за крадење на податоци од платежни картички, повеќе делови од скимери, 9 фалсификувани платежни картички, 14 надворешни мемориски уреди, 19 компјутери, 22 телефонски апарати и 98 сим картички. Одземените предмети се доставени до Одделот за крим техника заради вештачење.
Во домот на Д.П. пронајден е пиштол и осум парчиња муниција кои истиот ги поседувал без дозвола. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, истакнаа од МВР.
Дел од членовите на криминалната група и претходно се кривично пријавувани за кривични дела извршени со фалсификувани платежни картички и имаат издржувано казна затвор како во Р.Македонија, така и во повеќе европски држави – Луксембург, Швајцарија, Грција и Србија.
Против сите осомничени поднесена е кривична пријава за сторени кривични дела: „Злосторничко здружување„, „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ и „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Ова е трета истрага која што Единицата за компјутерски криминал ја спроведува во координација на СЕЛЕК Центарот.