/ Прочитано:

866

Виетнам: Дваесет и две лица осудени за обид за државен удар

Понеделник, 4 февруари 2013 – Судот во виетнамската покраина Фу Јен осуди дваесет и две лица на од 10 години до доживотна казна затвор поради обид за државен удар. Ова е еден најголемите судски процеси последниве години во Виетнам, после низа слични насочени против оние кои се спротиставуваат на владините политики. 

По еднонеделен судски процес, осудени се Пан Ван Ту (65) на доживотен затвор, додека 21 други, меѓу кои и синот на Ту добија затворски казни меѓу 10 и 17 години. 

Според судот, тие се обиделе да формираат нова држава наречена Dai Nam Kinh Chau – Големо Виетнамско Кралство на чие чело како крал би бил Ту. Групата планирала да формира нова влада оваа година и подготвила ново знаме, химна и имала намера да промовира 72 генерала, јавија државни витнамски медиуми.

Според обвинителството, групата делувала како туристичка компанија која што била само фронт за активности насочени кон уривање на владата, за својата идеја, добивале пари од Виетнамци кои работеле во САД. Јавниот обвинител во текот на судењето посочи дека обвинетите ги признале делата, за разлика од бранителите  кои укажува оти групата немала политички намери за симнување од власт на актуелната влада бидејќи таа група не била политичка.

Ова е еден од најголемите процеси од ваков вид последниве години во Виетнам. Минатиот месец за слични активности беа осудени 14 лица. Во тој случај, 13 лица – блогери и студенти – беа осудени за врски со забранетата Виет Тан група за што добија затворски казни меѓу 3 и 13 години, а едно лице доби условна казна.

Групите за човекови права велат дека обвиненијата против активистите рутински се користат од страна на Влада на Виетнам, со цел за замолчување на оние кои не се согласуваат со нејзината политика.

Минатата недела, „Хјуман рајтс воч“ оцени дека земјата систематски ја задушува слободата на изразување, здружување и мирно собирање и кривично ги гони оние кои се сомневаат во владините политики.