/ Прочитано:

4.495

Вишиот управен суд ја потврди пресудата на Управниот суд во корист на Правниот факултет „Јустинијан Први“ за случајот со избор на декан

Вишиот управен суд донесе пресуда во корист на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со која се потврдува пресудата на Управниот суд во врска со тужбата на најстариот правен факултет во земјава, која се однесува на оспорената постапка за избор на декан од страна на просветната инспекција.

Постапката за избор на декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се проблематизираше откако државните просветни инспектори утврдија дека Наставно-научниот совет има донесено противправна одлука за започнување на постапка за избор на декан на факултетот. На 19.6.2015 година, професорот д-р Горан Коевски беше утврден како единствен кандидат за декан од страна на Наставно-научниот совет на факултетот и беше предложен за избор до ректорот, каде што „заглави“ самата постапка. Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука на Република Македонија  ја прогласи за противправна и незаконска оваа одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет.

Исто така, и во решението на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка се наложува поништување на Одлуката за започнување на постапка за утврдување на кандидат за избор на декан, која ја донесе Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“на 13.5.2015 година.

„Од извршениот увид, државните просветни инспектори заклучуваат дека проф.  д-р Борче Давитковски е избран за декан на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при УКИМ, во мандатен период од 15.09.2012 година заклучно до 14.09.2016 година, а неговата оставка претставува престанок на функцијата декан на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ пред истекот на мандатот и дека во вакви околности ректорот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, проф. д-р Велимир Стојковски е обврзан да постапува и назначи в.д. декан на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при УКИМ, согласно со член 65 од Законот за високо образование и дека по назначувањето, в.д. деканот се обврзува да започне постапка за избор на декан на факултетот. Од тие причини, државниот инспекторат заклучил дека Наставно-научниот совет има донесено противправна Одлука за започнување на постапка за избор на декан на факултетот, со оглед на тоа што не биле исполнети правните претпоставки за отпочнување на постапка за избор на декан, односно не постоела правна основа за утврдување на кандидати за декан од страна на Наставно-научниот совет и избор на декан од страна на ректорот“, се образложува во пресудата на Вишиот управен суд.

Незадоволен од Решението на Државниот просветен инспекторат, Правниот факултет поднел жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка која била одбиена како неоснована. Правниот факултет, образложуваат од Вишиот управен суд, понатаму за овој случај повел и управен спор пред Управниот суд, за кој овој  суд донел пресуда во корист на Правниот факултет „Јустинијан Први“, односно како што истакнуваат од Вишиот управен суд, Управниот суд, со побиваната пресуда, оценил дека во случајот од страна на органите во постапката се сторени процесни пропусти, односно се повредени правилата на постапката што довело до погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба,  а со тоа и до погрешна примена на материјалното право.

За пресудата на Управниот суд, се вели во пресудата на Вишиот управен суд, жалба поднела Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка  изјавена преку државниот правобранител на Република Македонија.

„Жалбата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка  изјавена преку државниот правобранител на Република Македонија за подрачје С., СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА. Пресудата на Управниот суд У-1.бр.684/2015 од 25.02.2016 година, СЕ ПОТВРДУВА“, стои во пресудата на Вишиот управен суд.

Наоѓајќи дека одлуката на Управниот суд е правилна и законита, во пресудата на Вишиот управен суд се вели дека Управниот суд правилно оценил дека во конкретниот случај се сторени процесни пропусти, односно се повредени правилата на постапката што довело до погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, а со тоа и до погрешна примена на материјалното право.

При повторното постапување, се вели во пресудата, органите да ги имаат предвид укажувањата на Управниот суд во поглед на сторените процесни пропусти, кои се од влијание за правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на матерјалното право. Од овие причини Вишиот управен суд најде дека пресудата на Управниот суд е правилна и законита кога со истата го поништил решението на тужениот орган и предметот го вратил на повторно разгледување и одлучување.

„Ова е од причина што согласно со член 163 став 1 од Законот за високо образование, министерот надлежен за работите на високото образование има овластувања да врши надзор на законитоста на одлуките на високообразовната установа и во таа смисла да ѝ укаже за констатираната незаконитост, како и да определи рок за нејзино отстранување, за што во спротивно со решение ќе ја укине или поништи незаконитата одлука. Оттука, во случајов Управниот суд правилно упатил дека по однос на прашања кои се однесуваат на примена на одредби за избор на органи и нивната законитост, надзор може да врши ресорниот министер за високо образование и дека цитираните законски одредби ги доведуваат во прашање постапувањето и одлучувањето на државниот просветен инспекторат во оваа сфера на функционирање на високообразовната установа. Оттука, правилно е наоѓањето на Управниот суд според кој согласно со Законот за просветна инспекција, видот мерки чие извршување може да го нареди инспекторот не се пропишани со законите по кои постапува, како и дека од нив не произлегува овластувањето на инспекторот да може да нареди поништување на одлука донесена од надлежен орган, односно Наставно-научниот совет на факултетот, кој врз основа на Законот за високо образование и Статутот на Универзитетот, одлучува самостојно и независно. Според Управниот суд, основот на таквото овластување не може да биде одредбата од член 31 став 2 од Законот за просветна инспекција, затоа што и од оваа одредба не произлегува дека инспекторот може да нареди поништување на акт. Управниот суд правилно констатирал дека органите требало да ја имаат предвид хиерархиската и организациска поставеност на Наставно-научниот совет и деканот како органи на факултетот пропишана со Законот за високо образование, бидејќи деканот во рамките на вршењето на својата раководна функција ги извршува одлуките и заклучоците на Наставно-научниот совет и тој нема никакви овластувања да поништи одлука на советот. Ваква надлежност, согласно со Законот за високо образование, нема ниту ректорот. Надлежност со решение да укине или поништи одлука на високообразовна установа, ако утврди дека таа не е во согласност со законот, има само министерот за образование и наука, кој согласно со Законот за високо образование врши надзор над законитоста во нејзиното работење“, се образложува во пресудата.

Што се пропишува во Законот за управните спорови во однос на задолжителноста на одлуките?

Во Законот за управните спорови во главата со која се уредува задолжителноста на одлуките, поточно во член 52 се вели:

„Кога судот ќе поништи акт против кој бил поведен управен спор, предметот се враќа во состојба во која се наоѓал пред да е донесен поништениот акт. Ако според природата на работата што била предмет на спорот, место поништениот управен акт треба да се донесе друг, надлежниот орган е должен да го донесе без одлагање, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на доставувањето на пресудата. Надлежниот орган притоа е врзан со правното мислење на судот, како и со забелешките на судот во однос на постапката“.

Ако надлежниот орган, се истакнува во член 53 од Законот за управните спорови, по поништувањето на управниот акт не донесе веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена нов управен акт, или акт за извршување на одлуката донесена врз основа на член 40 став 5 од овој закон, странката може со посебен поднесок да бара донесување на таков акт. Ако надлежниот орган не донесе акт ни за седум дена од ова барање, странката може да бара донесување на таков акт од судот што ја донел одлуката.

По ова барање, судот ќе побара од надлежниот орган известување за причините поради кои не го донел управниот акт. Надлежниот орган е должен да го даде ова известување веднаш, а најдоцна во рок од седум дена. Ако тој не го изврши тоа или ако даденото известување според мислењето на судот не го оправдува неизвршувањето на судската одлука, судот ќе донесе одлука што го заменува актот на надлежниот орган, ако природата на работата го дозволува тоа. Судот оваа одлука ќе ја достави до органот надлежен за извршување и за тоа истовремено ќе го извести органот што врши надзор. Органот надлежен за извршување е должен без одлагање да ја изврши ваквата одлука.

„Кога во управен спор е донесена пресуда, а надлежниот орган донел управен акт за извршување на таа пресуда, па кај надлежниот орган се бара обнова на управната постапка по тој управен акт, обнова може да се дозволи ако причината за обнова настанала кај органот што го донел актот“, се пропишува во член 54 од Законот за управните спорови.

ИНТЕРВЈУ – ПРОФ Д-Р ГОРАН КОЕВСКИ: Постапката за утврдување кандидат за декан на „Јустинија Први“ е целосно легитимна и легална

ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ИЗГЛАСА: Проф. д-р Горан Коевски предложен за нов декан

ПРАВЕН ТРЕБА ДА ПРЕДЛОЖИ, РЕКТОРОТ ДА ПОТВРДИ: Коевски, Георгиевски и Гелев – кандидати за нов декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“

М.В