/ Прочитано:

1.548

Висока уставна позиција, низок правнички интерес: заштитата на животната средина во Македонија полага надежи во еколошкото право на обединета Европа

Животната средина ужива висока правна позиција во Уставот на Република Македонија како темелна вредност на правниот поредок. Уставните одредби јасно одредуваат дека секој има право на здрава животна средина и е должен да ја унапредува и штити животната средина, додека, пак, надлежните органи се обврзуваат да обезбедат услови за остварување на ова право. Одговорноста на државата, сепак, последователно ја помрачуваат слабите оценки од Европската комисија, која во своите извештаи нотира мошне мал напредок за зајакнување на домашниот административен капацитет. Република Македонија има донесено низа стратегии во областа на заштитата на животната средина, но нивното спроведување е голем предизик и се одвива со забавено темпо, бидејќи нема голема политичка волја, ниту, пак, доволно средства, тврди Ана Стојиловска, истражувач на енергетски и инфраструктурни прашања при невладината „Аналитика“, организација за истражување јавни политики.

Темелните државни вредности претполагаат дека правниот поредок создава нови вредности и им овозможува на луѓето да имаат услови за развој на креативната моќ со секогаш присутното чувство на одговорност при воспоставувањето економска и еколошка рамнотежа. Во таа смисла, животната средина ужива висока правна позиција во Уставот на Република Македонија како темелна вредност на правниот поредок. Уставниот текст јасно наведува во своите одредби дека секој граѓанин има право на здрава животна средина и е должен да ја унапредува, но и да ја штити животната средина, додека, пак, надлежните органи ја носат обврската да обезбедат услови за остварување на ова право. Правниот континуитет на заштитата и унапредувањето на животната средина, впрочем, се одржува уште од Уставот на СР Македонија од 1974 година, меѓутоа неразвиениот интерес на правниците за еколошкото право и за промените што може да се внесат со него исто толку долго претставува одраз на запоставеноста на екологијата во македонското секојдневие.

Од правен гледен аспект, востановените правила за заштита на животната средина, во европските, како и во домашните граници, имаат комплексен карактер, но овозможуваат флексибилна примена во зависност од потесниот контекст на практиката. Како што тврдат Сункин, Онг и Вајт, развојот на еколошкото право е во тесна врска со разработката на општите правни начела, т.е. го рефлектира практичното применување на основните правни начела кои еволуираа заедно со сè поголемите грижи за деградацијата на животната средина, како и со реалните и потенцијалните закани од таквата деградација врз опстанокот на човештвото. Општите начела за заштита на природата, преку Рамковниот закон за животна средина, се вградени и во македонското законодавство, но нивната примена заостанува зад декларативните заложби на државата, смета Ана Стојиловска, истражувач на енергетски и инфраструктурни прашања при „Аналитика“, невладина организација за истражување јавни политики.

„Еколошката свест во Македонија беше наголемо запоставувана и со децении се наоѓаше на крајно ниско ниво. Меѓутоа, со приближувањето кон Европската унија, свеста полека почна да се буди и да се манифестира преку различни форми: од граѓански активизам, па сè до судски спорови. Самата еколошка транзиција, во која се наоѓаме и денес, не е едноставен процес, бидејќи подразбира отворање на пазарот за нови актери, а преку него и за што поголем притисок врз големите загадувачи за воведување поефикасни технологии во производството и слично. Клучното во тој процес, секако, е одговорното постапување на домашните институции задолжени за спроведување на европските еколошки и енергетски политики, како и на Протоколот од Кјото, но во еднаква мера важно е и зајакнувањето на еколошката свест на сите засегнати страни — институциите, граѓанството, стопанството итн“, уверува Стојиловска.

Важен чекор кон заштитата на животната средина е оцената на влијанието што со себе го носи реализацијата на одредени потфати или проекти. Постапката на оценување има превентивна функција и подеднакво ги вклучува јавноста и стручњаците, со намера надлежните институции да донесат што подоследна одлука во врска со влијанието на предвидените јавни или приватни проекти врз околината, врз социјалниот и врз економскиот развој на државата. Еколошкото право особено го истакнува учеството на јавноста во постапката на оценување, што некои автори го толкуваат како триумф на партиципативната демократија над технократската природа на самата постапка. Подробностите за начинот на нејзиното спроведување се застапени во Законот за животната средина, а проектите за кои таа се спроведува се определени во посебна уредба.

„Нови проекти во енергетскиот сектор се незамисливи без проценка на влијанието врз животната средина, а и меѓународните финансиски институции како, на пример, Европската банка за обнова и развој, не се впуштаат лесно во финансирање енергетски постројки кои користат извори на енергија како јагленот. Клучно за Македонија во борбата против загадувањето е имплементацијата на европските политики за зголемување на енергетската ефикасност и искористувањето на обновливите извори на енергија, коишто играат значајна улога во намалувањето на гасовите-предизвикувачки на ефектот на стаклена градина. Македонија има донесено низа стратегии во оваа област, но спроведувањето е голем предизик и досега се одвива со забавено темпо, бидејќи нема голема политичка волја, ниту, пак, доволно средства“, објаснува Стојиловска.

Одговорноста на надлежните институции, сепак, од година на година ја помрачуваат слабите оценки од Европската комисија, којашто во своите Годишни извештаи, меѓу другото, го следи напредокот на земјата и на полето на екологијата. Извештајот од 2011 година нотира дека е направен многу мал напредок за зајакнување на административниот капацитет за спроведување и примена на законодавството за животна средина, којшто во голема мера останува недоволен и на националното и на локалното ниво. Координацијата меѓу надлежните телата сè уште не е ефикасна, а заинтересираните страни не се доволно вклучени во процесот на донесување одлуки. Административниот капацитет, како и техничките и финансиските ресурси, треба значително да се зајакнат, со цел земјата да може да ги усогласи и примени сите барања од политиката и од европското законодавство за климатски промени.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 30.8.2013