/ Прочитано:

1.606

Вкупниот број осигуреници изнесува 1.844.093, се нотира во Годишниот извештај на ФЗО

Годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување е во собраниска процедура. Вкупниот број осигуреници изнесува 1.844.093, се нотира во извештајот на Фондот. Законот за здравствено осигурување ги дефинира лицата кои можат да ги користат правата од здравственото осигурување. Во согласност со законот, дефинирани се 15 категории осигуреници.

„Вкупниот број осигуреници на крајот на 2018 година изнесува 1.844.093, што во однос на вкупниот број жители на Република Северна Македонија (според последните процени на Државниот завод за статистика) претставува опфатеност на населението од 89%.

Во периодот 2016 – 2018 година се забележува дека бројот на осигуреници во 2018 во однос на 2017 година е намален за 28.373 лица. По категории, бројот на вработените во 2018 година изнесува 569 илјади осигуреници и бележи пад во споредба со претходната година за приближно 2,6 илјади лица. Категоријата пензионери е зголемена за 4,7 илјади лица и на крајот од 2018 изнесува 312.105 илјади.

Бројот на лицата осигурени преку програмата на Министерството за здравство, односно оние што не се осигурени по ниту еден друг основ, изнесува 247.179 и е зголемен во однос на претходната година за 568 лица“, се вели во извештајот.

Зголемувањето, се додава во извештајот, се должи на фактот што, почнувајќи од 2015 година, лицата со ниски примања повеќе немаат обврска за пререгистрација.

„Намалување од 1.439 лица или 10,4% има во категоријата останати, каде што се наоѓаат доброволно осигурените лица, осигурените по конвенција, борците од НОБ, верските службени лица, примателите на социјална помош и странците на школување во РСМ.

Намалување од 2.367 лица во однос на 2017 година постои кај категоријата привремено невработено лице додека прима паричен надоместок.

Категоријата активни земјоделци во однос на претходната година бележи намалување од 1.232 лица. Бројот на членови на семејства во 2018 година изнесува 678.784 лица и во однос на претходната година е намален за 28.678 лица“, се посочува во извештајот на ФЗО, кој може да се преземе на следниот линк.

М.В