/ Прочитано:

1.345

ВЛАДА НА РМ: Очекуваме дека членовите на Антикорупциската комисија ќе покажат одговорност

„Владата на Република Македонија го следи принципот на нулта толеранција за корупција. Во изминативе седум месеци покажавме дека не постои толеранција кон именуваните функционери кои имаат покажано неодговорно трошење на парите на граѓаните и сите кај кои беше утврдена таква состојба понесоа одговорност. Истовремено, Владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано и од сите останати јавни функционери како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на Антикорупциската комисија ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност, имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа“, велат од Владата на Република Македонија.

Според информациите, ревизорскиот извештај за работата на Комисијата покажува дека на членови од Комисијата им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници, а исплатата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози. Потоа, некои од нив воопшто не доаѓале на работа, туку само на седници, и биле поднесувани по три патни налози за ист ден.

Во Законот за спречување на корупцијата се пропишува дека секој е должен во вршењето на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба да постапува совесно, стручно, одговорно, ефикасно и непристрасно. Никој не смее вршењето на функцијата, јавните овластувања, службените должности и положба, како и работите од јавен интерес, да ги користи за остварување на лични цели.

М.В