/ Прочитано:

2.528

ВЛАДА – УПОЗ: Во Буџетот за 2021 година за првпат да се предвиди регрес за годишен одмор за администрацијата

„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев прими делегација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (Синдикат на УПОЗ) предводена од претседателот Пецо Грујовски и генералниот секретар Трпе Деановски.

На средбата беше истакнато дека социјалниот дијалог со органите на државната управа е на високо ниво, и како резултат на тоа во изминатите три години се потпишани колективни договори на ниво на гранка, оддел и поединечни колективни договори на ниво на работодавач, со што значително се подобри социо-економската положба на работниците во државната управа. Во таа насока беше истакнато дека актуелната економска криза, како последица на пандемијата од КОВИД-19, нема да влијае на платите во органите на државната управа.

Преку консултации и дијалог со синдикатите, договорено е во Буџетот за 2021 година за првпат да се предвиди и исплата на регрес за годишен одмор согласно потпишаниот Грански колективен договор, односно за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Град Скопје, општините во Град Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

На средбата со претставниците на Синдикатот на УПОЗ е разговарано дека Владата на Република Северна Македонија ќе даде насока исплатата на регресот за годишен одмор да се одвива во месеците јули, август и септември 2021 година, односно веднаш по исполнувањето на условот вработениот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај работодавачот“, информираат од Владата.