/ Прочитано:

943

Владата донесе втор сет мерки за оштетените лица што настрадаа од поплавите

Среда, 6 март 2012 – Владата донесе втор сет мерки овојпат за инфраструктурна поддршка, поддршка на земјоделците, санација на живеалиштата, справување со последиците од поплавите што ја зафатија источна Македонија, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Владата на вчерашната седница усвоила Информација која предвидува санација на живеалиштата кои се загрозени или целосно уништени од поплавите, кои ќе бидат категоризирани во четири групи согласно претрпените оштетувања од што ќе зависи висината на поддршката и помошта.

  • Прва категорија се објекти кои немаат видливи конструктивни оштетувања, освен влагата и оштетувања на мебел и покуќнина, а во кои по нивното чистење и дезинфицирање непречено би можело да се живее.
  • Втора категорија се објекти кои немаат видливи оштетувања на конструктивните елементи, но за кои се потребни дополнителни санациски мерки и занатски работи како промена на под, врати, внатрешно санирање на просториите, санитарниот јазол.
  • Трета категорија се објекти кои имаат делумно оштетени конструктивни елементи кои треба да бидат санирани со доѕидување, бетонирање, а им се потребни и пообемни занаeтски работи кои би требало да бидат завршени не подолго од 10 до 30 дена.
  • Четврта категорија се објекти кои имаат делумно или целосно оштетени конструкциски елементи за кои се потребни поголеми санациски мерки и пообемни занаетчиски работи кои треба да бидат завршени за не повеќе од 30 дена. На лицата за чии објекти ќе биде заклучено дека не може да бидат санирани ќе биде обезбедено долготрајно сместување по критериум на лица во социјален ризик. Тие објекти, како што истакна владиниот портпарол, ќе бидат срушени, и ќе им бидат изградени нови. Објектите би можеле да бидат изградени како монтажни. Новите живеалишта треба да бидат изградени за период не подолг од 12 месеци.

На седницата, Владата донела и Одлука да биде исплатена оштета за уништените земјоделски површини.

„За таа цел во наредните денови тимови од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе направат конкретна пресметка на оштетувањата на секое индивидално земјоделско стопанство, а потоа ќе биде определена сумата за помош и поддршка. Првичните проценки говорат дека вкупната површина погодена од поплавите се проценува на околу 10 илјади хектари. Од нив околу 4 илјади се под житни култури, а 600 хектари под овошен и лозов насад. Останатите 5 илјади хектари се под градинарски култури. Информациите од Земјоделски факултет и стручните служби говорат дека житните култури и овошните и лозовите насади не би требало да претрпат оштетувања од поплавите поради тоа што водата е веќе повлечена“, рече портпаролот Александар Ѓорѓиев.

Во текот на неделава целосно ќе се спреведе првиот пакет владини мерки

На наредната седница се очекува Владата да се донесе Одлука за отстапување на сточна храна за земјоделските стопанства од стоковите резерви на РМ. Последици од поплавите претрпеле 831 семејство или околу 3.800 лица. Според Владата, првиот пакет мерки за интервентно и приоритетно задоволување на потребите на населението се спроведува и во текот на неделава треба да биде завршен.

„Денеска треба да биде завршена исплатата на еднократната парична помош од 15.500 денари по семејство. Средствата се трансферирани по основ на елементарна непогода и кога ќе легнат на трансакциските сметки извршителите треба да се воздржат од извршување на овие средства доколку некои од лицата имаат нерасчистени должнички обврски по друг основ“, истакна Ѓоргиев.

Тој додаде дека до крајот на неделата треба да биде завршена доставата на облеката и обувките до загрозените лица. Секое од нив ќе добие по два комплети зимски и летни облека и обувки, односно ќе бидат распределни 16.200 комплети. Испорачани се вкупно 250 кутии на разновидни лекови, а во текот на денешниот ден ќе бидат испорачни уште 400 дополнителни.