/ Прочитано:

1.151

Владата го донесе Планот за попуштање на рестриктивните мерки

Владата на денешната седница го донесе Планот за попуштање на рестриктивните мерки, како процес кој би се одвивал во три фази, согласно развојот на епидемиолошката состојба. Планот на Владата го образложи премиерот Оливер Спасовски, чие обраќање го пренесуваме в целост:

Првата фаза од планот е тековното функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење.

Втората фаза, како транзициона фаза, е иницијално  воспоставување на работните активности со почитување на препорачаните мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на КОВИД-19, и

Трета фаза, која предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните превентивни, против епидемиски мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.

Ова значи, дека дури и во третата фаза, кога ќе воспоставиме целосна функционалност во сите сектори, нашите обврски ќе продолжиме да ги извршуваме во поинакви услови, согласно новата реалност, со што новото секојдневие станува и наша нова нормалност. Тоа не треба веќе да се гледа ниту како нешто страшно, ниту како нешто чудно, туку како неопходност за заштита на нашето здравје.

Во првата недела од олабавувањето на мерките, односно од утре, ќе започнат да се применуваат мерки со нови протоколи за работа за дејности кои имаат помал ризик, и тоа:

– Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје,

– Центри за едукација, обуки и семинари за возрасни, организација на седници на органи на управување и конференции,

– Авто школи,

– Спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови,

– Спортски и други обложувалници преку шалтер,

– Затворени трговски центри-молови, без угостителските објекти во нив.

За да се постигне максимална ефикасност, и максимална заштита, ќе се применуваат посебно пропишани протоколи за работа на секоја од овие дејности.

На пример, дејностите кои се занимаваат со одржување состаноци, седници, обуки, семинари, конференции, настани, ќе можат да ги спроведуваат своите настани во ограничено времетраење од најмногу 6 часа со задолжителна пауза на секои 2 часа.

Пред почеток на обуките, курсевите, семинарите, учесниците треба задолжително да се известат дека доколку имаат респираторни симптоми (температура, кашлица, отежнато дишење) им се препорачува да го одложат настанот односно да не присуствуваат.

Настаните ќе се организираат и со ограничен број на учесници согласно просторот со цел, но не повеќе од 30 лица, да се обезбеди физичко растојание на учесниците од 1,5-2м, како и со задолжително носење лична заштитна опрема.

Во просторијата задолжително треба да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете, односно услови за почитување на општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена.
Просторијата почесто да се проветрува, по можност за време на часовите и задолжително во текот на паузите, со забрането групирање на присутните.

По завршување на настанот, просторијата да се исчисти и да се дезинфицира подот со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, во која мора да има обезбедено корпа за отпадоци со капак.

Протоколот за одржување на седници на органи на управување и конференции ќе се ограничи на максимум до 30 лица согласно просторот со цел да се обезбеди физичко растојание на учесниците од 1,5-2 метри, за кои е задолжително носењето заштитни маски, и задолжителна употреба на средство за дезинфекција на рацете, кои се задолжение на организаторот на настанот.

И за овие настани и работни процеси се задолжителни општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена, зачестеното проветрување, и забрана за групирање, како и чистење и дезинфицирање на работните простории.

Владата на денешната седница заклучи да се дозволи службено патување на избрани и именувани лица, во странски држави, со почитување на препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за одржување на потребното растојание и носење на лична заштитна опрема, заради координација и други работни активности поврзани со мерки за COVID-19 како и поради други итни причини кои не трпат одлагање, без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија.

Согласно епидемиолошката состојба во државата и одлука од Комисијата за заразни болести се дозволува отворањето на затворените трговски центри – моловите, со почитување на строги правила и протоколи за нивна работа во услови на спроведување на мерки за превенција за спречување на појава и ширење на КОВИД-19. Во моловите се уште нема да биде дозволено примање гости во рестораните и кафичите, освен преку систем за нарачка, шалтер или достава.

Протокол за отворање и работа на моловите предвидува ограничено/скратено работното време (10:00-18:00), со исклучок во недела кога моловите ќе бидат затворени.

Остануваат задолжителни сите мерки за заштита кои предвидуваат задолжително регулирање на влезот на лица во затворениот продажен центар од страна на овластено лице за да не се дозволи групирање на луѓе во ходниците, задолжителната опрема за лична заштита на купувачите и вработените, како и дезинфекција на просториите во моловите.

Од утре со работа можат да почнат и спортските и другите обложувалници преку шалтер, согласно протоколот од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Од утре, со почитување на протоколите за овие дејности, започнуваат со работа на теретаните и фитнес клубови, како и активностите за спроведување тренинг на спортисти во поединечни спортови, во спортски објекти кои можат да ги задоволат техничките и сигурносни услови со можност за физичко растојание од 5 метри помеѓу секој спортист, со обезбедени сите санитарно хигиенски  услови.

На крајот, напоменувам уште еднаш дека треба да прифатиме дека уште долго нема да биде како што беше пред пандемијата, и дека ќе мораме да се навикнуваме на новата нормалност, во која секојдневие ќе ни бидат личните заштитни мерки како што се физичката дистанца, маските и другата опрема за лична и за заштита на другите, како и нагласената употреба на дезинфекционите средства и навикнувањето на нив.

 

М.В