/Прочитано:

1.349

Владата ја усвои информацијата за ратификација на најзначајниот меѓународен документ за борбата со насилството врз жените и домашното насилство

Владата на Република Македонија на 24. седница ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција).

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените.

Ратификацијата на Конвенцијата подразбира низа обврски за владите што ја имаат ратификувано да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилство врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додека пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.

Исто така, по предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата ја разгледа информацијата за воведување на програма за лична асистенција на лицата со телесна попреченост.

„Оваа услуга е еден од клучните елементи за остварување на самостоен живот за лицата со физичка попреченост. Овозможувајќи ваква поддршка, општеството добива активен член на заедницата кој има право на избор и одлука за тоа на кој начин и во кои услови ќе живее и ќе  овозможи активно вклучување и придонес во заедницата во која живее“, истакнуваат од Владата.

По предлог на Министерството за надворешни работи, Владата на РМ донесе заклучок до Собранието на Република Македонија да го достави Предлог-законот за ратификација на Договорот од Париз, кој се однесува на глобалните климатски промени и емисиите на штетни гасови.

Исто така, Владата ја усвои и информацијата за реализација на проектот формирање и поддршка на земјоделски задруги, како можност за развој на земјоделските стопанства, кои преку поттикнување на економско здружување во земјоделски задруги, со заеднички настап во производството, продажбата и пласманот на своите производи, ќе се стекнат со можност за зајакнување на својата пазарна улога, за зголемување на конкурентноста и ефикасноста во работењето и за зголемување на индивидуалниот приход на земјоделецот.

М.В